Јаневска потсети дека во изминатата година се работело на репроектирање за да се направи современ проект за двата објекти, кои повеќе од 10 години стојат недоградени

Проектот за доградување на двата објекта наменети за ФИНКИ, во близина на Ректоратот на УКИМ, е при крај и се очекува да биде завршен во ноември по што ќе биде распишан тендер за изведувач за да почне изградбата. Ова денеска го најави министерката за образование и наука Весна Јаневска одговарајќи на новинарски прашања при посетата на Машинскиот факултет по повод Европската ноќ на истражувачите.
Таа рече дека покрај двете згради што ќе ги добие Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство, ќе се доградува и објект наменет за Факултетот за физичка култура (ФФК) за кој првично беше наменет еден од двата објекти кај Ректоратот. Овој објект ќе се гради на локацијата каде што и сега се наоѓа ФФК.
„Го видовме идејното решение. Проектот е пред крај. Дополнително, имаме донација од шпанската влада и експерт кој исто така учествува во работата за финиширање на овој проект. Јас очекувам проектот во ноември да биде комплетно готов. Штом ќе биде готов, веднаш ќе распишеме тендер за изведувач, односно да се почне со градба на овие две и на уште една, трета зграда“,
рече Јаневска.
Како што беше претходно соопштено, двете згради за ФИНКИ ќе бидат поврзани со мост. Јаневска потсети дека во изминатата година се работело на репроектирање за да се направи современ проект за двата објекти, кои повеќе од 10 години стојат недоградени.
„Беа оставени на забот на времето. Мораше да се направи анализа со помош на факултетите од УКИМ – за што сум им благодарна, професорите работеа про боно. По таа анализа, ние распишавме повик за фирма за да направи нов проект“,
кажа таа.
Објектите на ФИНКИ и Факултетот за физичко образование, спорт и здравје се во изградба од крајот на 2015 година. Тендерот за нивна изградба, тежок речиси 20 милиони евра, го доби штипски „Бетон“. Активно се градеше до 2019 година, кога во стечај замина изведувачот „Бетон – Штип“. Оттогаш градежните активности на терен, за кои до тој момент се потрошија околу 3,3 милиони евра, се стопирани.
Уште од самото основање на факултетот во 2011 година, студентите на ФИНКИ следат настава во повеќе објекти при технолошко-техничкиот кампус при УКИМ.
