Според информациите на „360 степени“, Муареми до Судскиот совет поднел барање за испитување одговорност на судијата на претходна постапка што го дозволил претресот. Претходно од Финансиската полиција поднесоа претставка и за постапувањето на Обвинителството со кое раководи Русковска тврдејќи дека од наредбата за претрес воопшто не е јасно по кои индиции и докази се водело обвинителството кога барало претрес, а воедно и судијата што ја издал таквата наредба

Директорот на Управата за финансиска полиција, Арафат Муареми, вели дека нападите кон него и институцијата со која раководи доаѓаат од ист центар и дека очекува да продолжат во наредниот период. Според него, намерата е очигледна, но тој не сака да коментира повеќе додека институциите не ги расчистат работите.
Неговата изјава доаѓа откако пред десет дена Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција влезе во Финансиската полиција за да изврши претрес, за кој Муареми тврди дека бил незаконски.
„Јас, Арафат Муареми, како директор на Управата за финансиска полиција и вработените во Управата, препознаваме и свесни сме дека овие намерно инсценирани и неосновани напади кон нас, доаѓаат од еден ист центар за којшто во Управата, но и во други институции веќе активно се водат соодветни постапки, во зависност од надлежностите на институцијата. Очекуваме ваквите напади и притисоци да продолжат и во наредните денови, сè додека органите на надзор и контрола активно работат на расчистување на неодамнешните случувања со незаконскиот претрес во нашата институција. Намерата на овие напади е повеќе од очигледна. Меѓутоа, во интерес на излегувањето на вистината на виделина, ќе се воздржам од дополнителни коментари на ваквите однапред целно смислени напади и сценарија и оставам надлежните институции да постапуваат согласно своите надлежности“,
пишува Муареми во писмената изјава испратена до медиумите.
Директорот демантира и дека Основното јавно обвинителство Скопје поднело кривична пријава против него.
Во реакцијата тој не ги споменува објавите дека бизнисмен од Дебар до Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција поднел кривична пријава против него. Документи од пријавата денеска објави порталот „Нетпрес“ наведувајќи дека во нес се тврди дека бизнисменот од февруари годинава бил цел на притисоци и закани, како и на насилство.
За ова засега нема одговор од Обвинителството, до каде упативме прашања дали може да ги потврди овие информации, дали веќе се постапува и што е утврдено во врска со случајот, како и дали неодамнешниот претрес во Управата за финансиска полиција е поврзан со оваа пријава. До објавување на овој текст, одговор од Обвинителството не добивме.
Во врска со претресот оттаму пред десет дена само рекоа дека е во тек и дека се спроведува по пријава од граѓанин.
Во меѓувреме, според информациите на „360 степени“, Муареми до Судскиот совет поднел барање за испитување одговорност на судијата на претходна постапка што го дозволил претресот.
Од Судскиот совет засега не откриваат дали се бара испитување одговорност конкретно за овој случај и за кој судија станува збор, но потврдуваат дека до нивните архиви има заведено барање.
„Во архивата на Судскиот совет е заведено барањето за испитување одговорност на судија. На некоја од следните седници на Советот, по пат на ждрепка, ќе се формира комисија од три члена која ќе подготви записник дали постапката за судијата ќе продолжи или ќе прекине. Со оглед дека ваквите предмети се доверливи, Судскиот совет во моментов не може да изнесува повеќе детали“,
велат од Судскиот совет.
Претходно, како што е познато, Муареми и Финансиската полиција поднесоа претставка и за шефицата на обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, Вилма Русковска, и истражителите кои пред десет дена го вршеа претресот. Оттаму тврдеа дека од наредбата за претрес воопшто не е јасно по кои индиции и докази се водело обвинителството кога барало претрес, а воедно и судијата што ја издал таквата наредба.