Очекувам дека во наредниот период, најбрзо што може, професори ќе се вклучат како рецензенти за нивните забелешки да бидат земени предвид од Националната комисија за учебници. Затоа ги повикувам сите професори, како што се вклучија за сите други учебници што ги завршивме, да се вклучат и за учебникот по Историја и општество, вели Шаќири

Министерот за образование и наука Јетон Шаќири ги повика сите наставници кои имаат забелешки за учебникот по Историја и општество за шесто одделение како рецензенти да се вклучат во неговата изработка. Нивните забелешки, како што вели Шаќири, ќе бидат земени во предвид за да може учебникот потоа да продолжи во наредната фаза, односно на печатење и дистрибуција.
Министерот Шаќири рече дека досега МОН неколку пати објавувало оглас за рецензенти за овој учебник, но никој не се пријавувал.
„Знаете дека за петто и шесто одделение авторските тимови до МОН имаат доставено ракописи и имаше неколку ситуации кога објавуваме оглас за рецензенти. Досега не се пријавени рецензенти и затоа се доставени дописи до сите факултети за да достават рецензенти и да може истиот учебник да продолжи во понатамошна фаза“,
рече Шаќири денеска по отворањето на состанокот на Управниот комитет на COST – европска програма за соработка на областа на науката и технологијата.
Тој вели дека МОН е во постојан контакт со факултетите и очекува за седум дена рецензентите да имаат мислење за забелешките на учебникот по Историја и општество.
„Очекувам дека во наредниот период, најбрзо што може, професори ќе се вклучат како рецензенти за нивните забелешки да бидат земени предвид од Националната комисија за учебници. Затоа ги повикувам сите професори, како што се вклучија за сите други учебници што ги завршивме, да се вклучат и за учебникот по Историја и општество“,
истакна Шаќири.
Министерот вели дека значајно е тоа што, според програмата, учениците имаат подготвителни материјали за цела година, подготвени од Бирото за развој на образованието.
На прашањето до каде е постапката за изработка на учебници за седмо одделение за идната учебна година, Шаќири најави дека постапката на МОН почнува утре откако Бирото за образование и наука (БРО) минатата недела ги доставило до нив наставните програми за седмо според Концепцијата за основно образование која се спроведува етапно.
Шаќири соопшти дека утре ќе почне објавувањето повици за автори за учебниците што ќе се изработуваат согласно новите програми. Бидејќи тие до МОН се доставени многу порано отколку што беа доставени програмите за шесто, поради кои годинава доцнеа учебниците, министерот посочи дека сега ќе има доволно долг период да се изработат и да се распределат навреме.
„Минатиот период имавме проблеми. Но, сакаме да докажеме дека со навремени повици за автори ќе имаме долг период за изработка и печатење на учебниците за наредната учебна година. Како министер побарав истовремено да се изработат и програмите за осмо и деветто одделение за да имаме континуитет на она што треба целосно да се реализира во една програма во основното образование. Затоа што може да произлезат прашања зошто еден дел од материјалот не е предвиден во седмо и да имаме одговор дали тој е предвиден до крајот на основното образование“,
додаде Шаќири.