Заклучно со денеска, во училиштата во земјава од почетокот на учебната година пред две недели има 65 наставници и 42 ученици кои се активни случаи на ковид-19.
Од нив, 29 ученици се од основно образование, а 13 од средно, додека 47 наставници се од основно, а 18 од средно образование.
Во однос на активните случаи во основното образование, седум од учениците и пет од наставниците биле на настава со физичко присуство во училиштата, но од МОН посочуваат дека во сите случаи се почитувани препораките од центрите за јавно здравје и е постапувано согласно алгоритмите.
Од активните случаи во средно образование, ниту еден од учениците и наставниците не биле на настава со физичко присуство и немале контакт со остатокот од учениците или наставниот кадар.
Учениците што следеа настава со физичко присуство, а сега се во изолација учењето го продолжуваат од далечина.
Најновите случаи на заразени наставници се во основното училиште во скопската Општина Карпош „Владо Тасевски“ – наставник по англиски јазик во второ одделение и одделенски наставник, но децата не се во изолација.