Минатата недела МОН соопшти дека од почетокот на учебната година досега во изолација се вкупно 53 ученици и осум наставници
Наставничка по англиски јазик во второ одделение и еден одделенски наставник во ОУ „Владо Тасевски“ во скопската Општина Карпош се најновите случаи на заразен наставнички кадар од почетокот на учебната година пред две недели.
Од Општина Карпош за „360 степени“ соопштија дека и двајцата наставници се во самоизолација, а по консултација со епидемиолог е одлучено учениците од двете одделенија да не одат во изолација и да продолжат со наставата.
За предметната наставничка е констатирано дека се заразила во контакт со лице со ковид-19 надвор од училиштето, а состојбата ѝ е констатирана во средата, откога е и во домашна самоизолација.
Од Општината посочуваат дека сите основни училишта кои се под нивни ингеренции максимално ги следат протоколите и мерките за заштита од пандемијата.
Со новиот ребаланс на буџетот на Општина Карпош, кој беше изгласан на последната седница на Советот на локалната самоуправа, пренасочени се финансиски средства за зголемување на капацитетите за заштита од ковид-19, односно ќе бидат издвоени повеќе средства за дезинфекција и зголемена хигиена како во училиштата така и во градинките. Најавуваат дека во наредниот период максимално и будно ќе ја следат состојбата и ќе се водат според протоколите и мерките предвидени од Комисијата за заразни болести, а усвоени од надлежните министерства.
Минатата недела МОН соопшти дека од почетокот на учебната година досега во изолација се вкупно 53 ученици и осум наставници.
Двајца наставници кои работеле со физичко присуство во ОУ „Гоце Делчев“ и еден ученик се позитивни на вирусот ковид-19, а 39 деца од истото училиште од се превентивно во изолација.
Во изолација се и 10 ученици од второ одделение во ОУ „Кочо Рацин“ во село Подареш, Општина Радовиш откако е утврдено дека нивни соученик е позитивен на вирусот. Засега во ова училиште нема наставници кои се заболени или во изолација.
Другите три деца кои се позитивни се индивидуални случаи – едно во тетовското училиште ОУ „Адрија Савески Ќиќиш“ и едно дете во ОУ „Ванчо Прке“ од Штип и едно во „Кирил и Методиј“-Кочани.