Во сите училишта каде што има позитивни случаи во рамки на наставата со физичко присуство се постапува навремено, согласно протоколите и алгоритмите, велат од Министерството за образование и наука. Според нивните податоци, од почетокот на учебната година досега во изолација се вкупно 53 ученици и осум наставници.
Од вчера вечерта во изолација се 10 ученици од второ одделение во ОУ „Кочо Рацин“ во село Подареш, Општина Радовиш, откако нивни соученик е позитивен на ковид-19. Засега во ова училиште нема наставници кои се заболени или во изолација.
Двајца наставници кои работеле со физичко присуство во ОУ „Гоце Делчев“ и еден ученик се позитивни на вирусот ковид-19, а 39 деца од истото училиште од вчера се превентивно во изолација. Другите три деца кои се позитивни се индивидуални случаи – едно во тетовското училиште ОУ „Адрија Савески Ќиќиш“, и едно дете во ОУ „Ванчо Прке“ од Штип и едно во „Кирил и Методиј“ – Кочани.
Од центрите за јавно здравје се следат алгоритмите и за нив не се дадени препораки за изолација бидејќи биле почитувани мерките за заштита.
„Министерството за образование и наука на дневно ниво ја следи состојбата со ковид-19 во училиштата и повикува на почитување на заштитните мерки и протоколите. Целта на мерките што ги носи Владата е да се заштитат сите наставници и ученици и да се овозможи непречен образовен процес. Апелираме до сите наставници максимално сериозно да пристапат кон личната заштита од ковид-19 во следниот период. Тие носат одговорност за сопственото здравје, но и за здравјето на учениците“,
велат од МОН.