Денешниот протест е организиран од Демократската партија, чии поддржувачи се собраа на булеварот „Маченици на нацијата“, а потоа се упатија кон владината зграда. По задржувањето пред кабинетот на Рама, демонстрантите ја продолжија рутата кон Министерството за образование, каде дошло до судир со полицијата, откако тие фрлале со камења и запалиле контејнери
Поддржувачи на опозициската Демократска партија во Албанија денеска ги запалија столчињата поставени пред кабинетот на премиерот Еди Рама во Тирана, кои претставуваа симболична покана за дијалог со студентите, пренесува „Балканвеб“.
За време на протестот демонстрантите извикуваа – „Влада на криминалот“ и „Оставка“, нагласувајќи дека заминувањето на премиерот од власт е непроменливо барање.
Денешниот протест е организиран од Демократската партија, чии поддржувачи се собраа на булеварот „Маченици на нацијата“, а потоа се упатија кон владината зграда. По задржувањето пред кабинетот на Рама, демонстрантите ја продолжија рутата кон Министерството за образование, каде дошло до судир со полицијата, откако тие фрлале со камења и запалиле контејнери.

Дел од медиумите пренесуваат дека полицијата одговорила со употреба на воден топ за да ја растера толпата. Пред зградата на Министерството за образование за денеска беше закажан и собир на студентите кои подолго време протестираат со барања за подобри услови во високото образование и поголема финансиска поддршка, како и оставки поради корупцијата, социјалната нееднаквост и недостигот од перспективи за младите.
Рама на прес-конференција го повтори ставот дека тој е подготвен за дијалог и оти Владата подготвува план за барањата на демонстрантите.
„Протестот, целите, причините, а пред сè потребата на оној дел од општеството што бара поагресивен пристап од владата кон растот на трошоците за живот и кон проблемите поврзани со заслугите при унапредувањето на човечките ресурси, се апсолутен фокус за мене и за владата“,
рече Рама.

Рама го осуди насилството и најави дека сите оние што поттикнуваат, шират или вршат насилство, ќе се соочат со кривични и финансиски последици. Тој ги обвини организаторите на насилството дека се обидуваат да се сокријат зад студентскиот идентитет и поддршката што јавноста природно им ја дава на студентите.
„Сите што го величаат насилството, му даваат публицитет или директно го вршат, треба да разберат дека исто толку интензивна, концентрирана и продолжена колку што беше урбаниот терор врз населението, бизнисите и обичните семејства во Албанија, толку долготрајна и истрајна ќе биде и реакцијата на државата“,
порача Рама.
Протестите се одржуваат во услови на засилен притисок врз албанската влада, додека студентите, на кои им се приклучија и други групи граѓани, продолжуваат да бараат оставка од премиерот.
