Ова е втор случај на наставничка болна од ковид-19 во истото училиште, додека за трета се чека тестирање
Уште 22 првачиња од две паралелки во основното училиште „Гоце Делчев“ во Скопје одат во домашна изолација бидејќи мајка на едно од децата, која е и наставничка во училиштето, иако имала симптоми на ковид-19 и не одела на работа, сепак детето го носела на настава, тврдат од Општина Центар.
Првиот човек на Општината, Саша Богдановиќ, во соопштение до јавноста остро го осуди, како што вели, неодговорното однесување на наставничката и побара од директорката целосно да го испита случајот и да ја санкционира.
„Нагласувам дека вакво несовесно и неодговорно однесување на еден просветен работник не смее да биде толерирано. Наставниците треба да бидат пример како се работи посветено за доброто на децата и во никој случај не смеат да дозволат со своето однесување да ја доведат во опасност безбедноста на учениците“,
вели градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ.
Ова е втор случај на наставничка болна од ковид-19 во истото училиште, додека за трета се чека тестирање.
Директорката на училиштето вчера потврди дека наставничка од училиштето е позитивна на ковид-19 и дека во изолација се децата на кои им предавала, додека за нејзината колешка, која има сомнителни симптоми, резултатите од тестирањето ќе бидат готови в сабота. Нејзиниот клас во моментов одржува настава со заменски наставник, а ако се покаже дека е позитивна и тие деца ќе бидат пратени во изолација.