Од ВМРО-ДПМНЕ претходно соопштија дека Мицкоски, заедно со потпретседателот на партијата, Александар Николоски, отпатувал за Будимпешта каде денеска се сретнал со премиерот на Унгарија и претседател на нивната сестринска партија ФИДЕС, Виктор Орбан
Откако денеска ВМРО-ДПМНЕ соопшти дека партискиот лидер Христијан Мицкоски отпатувал за Будимпешта, од СДСМ тврдат дека целта на посетата веројатно е да се добијат нови инструкции од Груевски за референдум.
„Денеска видовме дека Мицкоски повторно е во Будимпешта, веројатно да земе памет или инструкции од неговиот политички ментор Груевски, а со единствена цел како да се однесува во овој момент поврзано со барањето за референдум. Мицкоски и Апасиев не успеаја во нивните намери, нивните лаги и црни сценарија пропаднаа. Сега се изолирани во обидите да се создадат нови пречки на европскиот пат на државата. Причините за тоа треба да си ги бараат кај себе“,
кажа на денешната прес-конференција пратеникот од СДСМ, Мартин Костовски.
Од ВМРО-ДПМНЕ претходно соопштија дека Мицкоски, заедно со потпретседателот на партијата, Александар Николоски, отпатувал за Будимпешта каде денеска се сретнал со премиерот на Унгарија и претседател на нивната сестринска партија ФИДЕС, Виктор Орбан.
Според соопштението од ВМРО-ДПМНЕ, тие на средбата разговарале за ЕУ интеграцијата на Македонија и Мицкоски го истакнал ставот дека таа e неопходнa за македонскиот народ, но треба да биде достоинствена и со зачувување на идентитетските обележја.
Инаку, по првата меѓувладина конференција на земјава со ЕУ за почеток на преговорите, еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји, кој патем е од Унгарија, на прес-конференција порача оти се надева дека и опозицијата во Северна Македонија отсега ќе работи за европската иднина и дека нема да почне со контроверзии.
Мицкоски е на став дека за „францускиот предлог“ треба да се оди на референдум, но сè уште траат консултациите за тоа каква треба да биде формата на референдумот и прашањето.