Манџоне се соочува со максимална казна доживотен затвор

Луиџи Манџоне денеска пред федералниот суд во Њујорк призна дека го убил извршниот директор на најголемата приватна компанија за здравствено осигурување во САД, „Јунајтед хелткер“, Брајан Томпсон.
„Јас го застрелав г-дин Томпсон на Менхетен и тој почина“,
кажа 28-годишниот Манџоне.
Би-би-си опишува дека атмосферата во судницата била тивка, но напната, додека Манџоне говорел со стабилен глас.
Томпсон, 50-годишен татко на две деца, беше застрелан во грб додека влегувал во хотел во центарот на Менхетен во 2024 година.
Неговото семејство вели дека казната на Манџоне мора да ја одразува сериозноста на таквиот „грозоморен чин“.
Манџоне се соочува со максимална казна доживотен затвор. Тој се соочува и со државни обвиненија, иако неговите адвокати бараат тие да бидат отфрлени по неговото признавање на вината.
Читајќи ја гласно изјавата пред судот, тој призна дека го планирал нападот однапред, преминувајќи ги државните граници со намера да убие и користејќи пиштол што го испечатил на 3Д-печатач, а потоа го опремил со придушувач и шаржер.
Рече дека бил поттикнат да го убие Томпсон поради неговото искуство со здравствениот систем „по години трпење силни болки од скршен грб“.
Манџоне изјави дека дознал оти „Јунајтед хелткер“ ќе одржи годишна конференција на инвеститори во Менхетен во декември 2024 година. Потоа отпатувал во Њујорк за настанот.
Тој, исто така, рече дека испратил е-пошта до „Јунајтед хелткер“ пред конференцијата „претставувајќи се како инвеститор“ и поставувајќи прашања за настанот.
Објавувањето на пресудата за федералните обвиненија е закажано за 18 декември. Неговите адвокати сега бараат да го поништат случајот во државниот суд во Њујорк, каде што Манџоне беше обвинет за убиство.
Тие истакнуваат дека едно лице не може двапати да биде судено за исто кривично дело.
