Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во интервју за „Слободен печат“ зборува за актуелните состојби со коронавирусот, мерките за превенција и за намалување на економските последици, како и за своето искуство во самоизолација.
Коментирајќи го случајот во Куманово каде после средбата со градоначалникот Максим Димитриевски кој се покажа како позитивен на ковид-19, владини функционери заминаа во самоизолација, Мицкоски обвини за неажурност во спроведување на мерки за превенција од ширење на ковид-19 во оваа општина.
Вели Куманово е жртва на политички препукувања „на оние кои ја водат владата и оние кои го водат градот.“
„Јасно не ја гледаат големата слика, а тоа е здравјето на народот, туку и на двете страни, поважна им е доминацијата во градот и нивната кариера. Неодговорното и ненавремено постапување доведе огромна бројка на заразени лица. Се пропушти шансата за брза реакција, но не пропуштија водствата на владата и градот да си комуницираат преку медиуми и да бистрат политика додека градот бележи негативни рекорди во бројот на заболени“,
вели Мицкоски.
Мицкоски посочува дека потребно е воведување на кризна состојба во Куманово, а загриженост изразува и за состојбата во Прилеп.
Уште еднаш обвини дека Владата не ја исполнала улогата да помогне на бизнисот и дека потфрла во менаџирањето на кризата.
„Ние како опозиција ќе продолжиме конструктивно да делуваме, да даваме и нудиме решенија, но воедно треба да знаат дека подадената рака не значи дека може тоа да се злоупотребува. Трпението на многумина е при крај. Да се надеваме дека Владата ќе ја свати сериозноста на состојбите“,
вели Мицкоски.