„Од страна на Владата не е проблем. Ние ќе имаме приходи. Зголемувањата на минималната плата ќе биде на товар на работодавачите, тие ќе треба да уплатат повеќе пари во буџетот. Проблемот е дали тие ќе можат тоа да си го дозволат, дали можат тоа да го направат и дали можеби потоа ќе има други трикови, како на пример, еве ти половина на рака, односно дел од парите работниците да ги добијат на рака. Но, тоа е друга тема“, вели премиерот
Владата нема да се меша во преговорите меѓу Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) и работодавачите, а она што ќе го договорат ние ќе го прифатиме, рече на денешната прес-конференцијата премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање дали на Економско-социјалниот совет се разговара на темата минималната плата да изнесува 450 евра.

„Трае седницата на Економско-социјалниот совет. И таму имаме два партнери, работодавачите и работниците. Тие треба да се усогласат околу овие параметри, меѓу кои е и минималната плата. Владата е во поразлична позиција. Од аспект на централниот буџет, колку е поголема минималната плата толку поголеми приходи ќе има во буџетот. Но, ние не сакаме да се мешаме. Ќе оставиме тие две страни да се усогласат, што можат едните, а што можат другите да прифатат“,
рече тој.
Владата во случајот, според него, е страна која е тука да фасилитира, а не да одлучува.
„Сето она што тие меѓу себе ќе го договорат, ние како Влада ќе го прифатиме“,
вели премиерот.
На новинарското прашање дали ќе има средства во буџетот за следната година ако работодавачите и работниците договорат минимална плата од 450 евра, Мицкоски рече дека во буџетот се предвидени средства согласно законските усогласувања, но секогаш има ребаланс на буџетот и може да се направи распределба.
„Од страна на Владата не е проблем. Ние ќе имаме приходи. Зголемувањата на минималната плата ќе биде на товар на работодавачите, тие ќе треба да уплатат повеќе пари во буџетот. Проблемот е дали тие ќе можат тоа да си го дозволат, дали можат тоа да го направат и дали можеби потоа ќе има други трикови, како на пример, еве ти половина на рака, односно дел од парите работниците да ги добијат на рака. Но, тоа е друга тема“,
рече тој.
Со оглед на тоа што следната година ќе има локални избори, Мицкоски посочи дека ребалансот на буџетот би бил најдоцна до јуни или јули.
Според него, со буџетот за 2025 година, кој е во собраниска процедура, се предвидени средства за зголемување на пензиите и дека има средства за раст на платите во здравството и образованието.
Пред почетокот на Економско-социјалниот совет, претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија, Слободат Трендафилов, рече дека остануваат на барањето за минимална плата од најмалку 450 евра, како и зголемување на платите во јавниот сектор.
Очекува дека и другите партнери ќе ги прифатат овие барања.