Првиот човек на ССМ вели дека е оптимист и дека очекува да има средба со премиерот Христијан Мицкоски на која ќе се разговара за ова прашање. Како што информира, ССМ веќе има доставено барање за средба и очекува социјалниот дијалог да се води на маса, а доколку тоа не се случи, секогаш имаат на располагање и други мерки
Претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија(ССМ), Слободан Трендафилов, денеска ја повика Владата да го исполни ветувањето за минимална плата од 450 евра, што го најави во првите 100 дена.
Говорејќи на денешната прес-конференција по повод одбележувањето на 78 години од постоењето на ССМ, Трендафилов посочи дека минималната плата во земјава е најниска во споредба со другите држави од регионот и затоа, како што кажа, итно и неопходно е да се зголеми и да изнесува најмалку 450 евра.
„Владата вети дека во првите сто дена ќе седне да разговара со ССМ за зголемувањето на минималната плата на најмалку 450 евра. Четиристотини и педесет евра не само што е реалност, туку е и неопходно, особено поради тоа што ние укажувавме цело време дека додека ние разговараме дали треба да се зголеми минималецот во Македонија, државите во регионот го зголемуваат со забрзано темпо“,
рече првиот човек на ССМ.
Правејќи споредба со државите од опкружувањето, Трендафилов посочи дека во Црна Гора, каде што имаше минимална плата од 450 евра, во наредниот период таа ќе биде зголемена на 600 евра за работниците со средно образование и 800 евра за оние со високо, во Бугарија минималната плата ќе биде 500 евра, а во Србија и Босна и Херцеговина (БиХ), како што кажа, се преговара минималецот да изнесува 500 евра.
„Не смееме да си дозволиме како општество, како држава, како работници, како синдикати, нашите работници да бидат најниско платени и повторно Македонија да биде ‘елдорадо’ како во 2008 година за странски компании кои сакаат да го експлоатираат македонскиот работник“,
кажа претседателот на ССМ.
Вели дека е оптимист и дека очекува да има средба со премиерот Христијан Мицкоски на која ќе се разговара за ова прашање. Како што информира, ССМ веќе има доставено барање за средба и очекува социјалниот дијалог да се води на маса, а доколку тоа не се случи, секогаш имаат на располагање и други мерки.
„Јас сум оптимист дека средбата ќе се случи поради тоа што ја знам силата на работниците. Ние работниците мораме да бидеме слушнати и мораме да кажеме што се потребите на работниците. Очекувам средбата да се случи како што ветија тие во првите 100 дена, а исто така имаме побарано дополнителна средба и на 2 септември со генералниот секретар на Европската конфедерација на синдикати, Естер Линч која од 1 до 3 септември ќе ја посети Македонија и ќе биде гостинка на ССМ“,
изјави Трендафилов одговарајќи на новинарско прашање на денешната прес-конференција.
Според него, синдикалната кошничка што ја покажува ССМ треба да ги разбие дилемите на експертите, претставниците на Владата и работодавачите во приватниот сектор, бидејќи синдикалната минимална кошничка од декември е зголемена за 4 600 денари, додека, пак, инфлацијата во првите шест месеци е 3,65 отсто.
„Прашувам јавно, зошто цените се зголемуваат и покрај тоа што платите на вработените во државата не се зголемуваат оваа година поради изборите. Прашувам експертите да ни одговорат и нас, и на работниците, и на граѓаните, и на пензионерите кои пазарат во маркетите, зошто цените растат и никој не води грижа и контрола да го заузда ваквиот неоправдан раст, зошто дозволуваме газдите во Македонија да се богатат на грбот на граѓаните и на работниците и не преземаме ништо во таа насока“,
рече Трендафилов.
Она што сите треба да нѐ загрижува, според првиот човек на ССМ, е тоа што работниците може да си заминат од земјава.
„Тоа што мене ме загрижува е што слушаме изјави од политичари дека доколку им се намали платата тие ќе ги напуштат нивните работни места. Тоа што нив треба да ги загрижува е дека доколку не се зголемат платите на работниците, работниците ќе си заминат од Македонија поради тоа што ќе имаат можност да работат во Црна Гора за 600 до 800 евра, во Бугарија за 500 евра, во Србија за 500 евра, БиХ за 500 евра, а да не зборуваме за Хрватска и за Словенија. Треба да седнеме и да разговараме и да ги надминеме сите проблеми и предизвици. Мора да не слушнат“,
порача претседателот на ССМ.