Ако овие од власта мислат дека има најмали шанси за пакт со криминал и криминалци, тоа нема да се случи, туку ќе бидете победени, напиша лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, по понудата за широка влада
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски се обрати попладнево на Фејсбук, од, како што напиша, Инфективната клиника, каде што е хоспитализиран поради ковид -19, коментирајќи го предлогот на Заев за широка коалиција на власт.
„Имам една порака до вас, господа од власта, заедно со вашите лакеи. За мене денеска е исклучително тежок ден. Пеколно тежок ден бил деветтиот, најтешкиот. Се борам со болеста, тешко дишам, а главата ми пука од температура, но имам јас енергија, мотив и волја и за борба со вас.Ова го пишувам од собата во Инфективната клиника, со сиот револт во себе што ѝ направивте на Македонија. Има начин да се спасите од мене, да не се разбудам утре или денот потоа и тогаш можеби ќе ви биде полесно да пронајдете соодветен соговорник. Но тој филм нема да го гледате и ви ветувам дека ќе се изборам со болеста, ќе излезам од Инфективна, а потоа не чека многу работа…“,
напиша Мицкоски.
Тој спомнува и поранешни високи функционери на ВМРО-ДПМНЕ, нарекувајќи ги лакеи.
„Денес ги видовме со сета своја немоќ како на отворена сцена се обидуваат, византиски убедени од своите лакеи (поранешни високи функционери на опозицијата), како се препелкаат нудејќи поделба на власта, ама јас да не сум бил дел од истата, бидејќи со мене немало договор, не сум бил добар соговорник. И тука првпат се сложувам со Зоран Заев. Јас немам концесија и не должам никому ништо“,
пишува Мицкоски.