Се чека финалниот извештај на ДСЗИ за тоа дали има пропусти при организацијата на состанокот по кој беше соопштено дека кумановскиот градоначалник е позитивен на ковид-19
Членовите на владата кои беа на состанокот со Кризниот штаб во Куманово и кои сега се во изолација не се тестирани се уште за ковид-19, информира денеска министерот за здравство Венко Филипче, одговарајќи на новинарско прашање за настанот што се случи пред велигденските празници.
„За да се избегнат непотребни тестирања, препораката е дека е најдобро тестот да се направи седмиот ден од можниот почеток на заразата. Затоа ќе почекаме да видиме какви се препораките на епидемиолозите“,
рече Филипче.
Премиерот Оливер Спасовски, пак, на прашање дали ќе се тестира, рече дека секако дека ќе го направи тоа кога ќе кажат лекарите.
„Во секој случај, јас сум во самоизолација, што покажува висок степен на одговорност – и кон себе, и кон семејството, и кон граѓаните. Секако дека ќе го направам тестот кој ќе ги отфрли или потврди сомневањата. Само сакам да кажам дека имам исклучителна верба кон лекарите и сите стручни лица кои се на првата линија во борбата против коронавирусот“,
рече Спасовски
Пред неколку дена, Филипче изјави дека сите функционери што беа во Куманово и во контакт со заразениот градоначалник Максим Димитриевски биле во различен ризик. Филипче рече дека тој смета дека премиерот треба да се тестира за коронавирус.
Покрај Спасовски и Филипче, на состанокот во Куманово беа и вицепремиерот Бујар Османи и министерот за образование Арбер Адеми, кои се исто така во изолација. За директорот, пак, на Дирекцијата за заштита и спасување Аднан Џафероски, кој одел на работа, иако беше на состанокот во Куманово, Спасовски и Филипче посочија дека веројатно не му е издадено решение за изолација. Епидемиолошката анкета, како што рекоа, покажала дека Џафероски одржувал дистанца и носел заштитна опрема. Исто така, како што посочи Спасовски, директорот се тестирал и тестот бил негативен.
Спасовски и Филипче, исто така, рекоа дека инспектори на Државниот санитарен и здравствен инспекторат биле на терен во Куманово за да утврдат дали има пропусти при организацијата на состанокот меѓу преставниците на централната власт и локалните власти. Тие посочија дека се чека финалниот извештај на инспекторите за овој настан.