Премиерот рече дека во моментов се работи на законските измени кои треба да ѝ овозможат на државата лекот „трикафта“ да го купи директно од производителот, со цел да биде набавен по пониска цена, а не по цената од 330 илјади евра по која се продава во моментов
Министерството за здравство (МЗ) и Фондот за здравство (ФЗО) заедно со клиниките што се задолжени за пациентите со цистична фиброза – Клиниката за пулмологија и Клиниката за детски болести – веќе работат со потенцијални добавувачи на лекот што им е потребен на овие пациенти.
Ова денеска го изјави премиерот Димитар Ковачевски, кој смета дека во периодот што следува пациентите со цистична фиброза ќе го до добијат лекот што им е потребен.
Додаде дека во моментов се работи на законските измени кои треба да ѝ овозможат на државата лекот „трикафта“ да го купи директно од производителот, со цел да биде набавен по пониска цена, а не по цената од 330 илјади евра по која се продава во моментов.
„Парите веќе се наменски определени, тие му се доделени на Фондот за здравство, потоа оттаму се префрлаат во клиниките што потоа го купуваат лекот и каде што се лекуваат пациентите“,
рече Ковачевски.
Ковачевски додаде дека со Асоцијацијата на цистична фиброза било договорено да се направи и протокол и процедури во однос на лекувањето на сите пациенти што ја имаат оваа болест.
Минатата недела Асоцијацијата за цистична фиброза информира дека почина Благојче Илиевски, најтешко болниот пациент со оваа дијагноза во земјава кој не успеа да го дочека лекот „трикафта“. Предвидено е овој лек засега да го добијат осумте пациенти со цистична фиброза кои се во најкритична состојба, а стремежите се во текот на оваа година лекот да биде набавен за 30 пациенти.
По смртта на Илиевски, премиерот Ковачевски изјави дека за него можело да се направи многу повеќе за тој да го продолжи својот живот, но тоа не било направено поради комплицираната бирократија во нашата земја. Додаде и дека од министерот за здравство Беким Сали побарал да каже да го продолжи својот мандат.
Министерот Беким Сали, пак, изјави дека смета оти Министерството за здравство е најодговорната институција за смртта на Благојче Илиевски. Тој рече дека проблемот со недостигот на терапија за пациентите со цистична фиброза бил навреме пријавен до Владата, Министерството за финансии и Фондот за здравствено осигурување од кои била побарана поддршка.