Ексдиректорот на сега згаснатата УБК Сашо Мијалков оздраве од ковид-19, и по околу две недели одложување на судските рочишта, попладнево во Основниот кривичен суд во Скопје продолжи судењето за предметот „Таргет-Тврдина“ каде тој е меѓу обвинетите.
Во последните 15-тина дена се одложија неколку рочишта по овој предмет односно од 14 октомври кога беше соопштено дека Мијалков добил симптоми откако претхосно со ковид-19 се заразила неговата сопруга Александра Мијалкова. Позитивен резултат на тестот потоа доби и Мијалков, по што следуваа одложувањата.
- Мијалков има симптоми и ќе се тестира за ковид по позитивниот резултат на сопругата
- Шврговски: Сашо Мијалков е позитивен на ковид-19
Тој се излекува и попладнево се појави на судакото рочиште за „Таргет-Тврдина“ на кое обвинителите Ленче Ристоска и Артан Ајро треба да презентираат материјални докази.
На рочиштата кои се закажни наредната недела, пак, треба да се сослушаат повеќе сведоци и оштетени во постапката со масовното прислушување.
Во „Таргет-Тврдина“, Мијалков е првообвинет, а обвинети се поранешниот началник на Петтата управа во МВР Горан Грујевски и вработениот во УБК Никола Бошкоски (двајцата избегаа во Грција и им се суди во отсуство), како и поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, шефот на кабинетот на Мијалков, Тони Јакимовски, Владимир Варелов од УБК и уште пет други лица од Управата.
Според обвинителниот акт, преку три системи за следење на комуникациите во УБК, во периодот од 2008 до 2015 година, незаконски биле следени 4 286 телефонски броеви за кои воопшто не биле издадени судски наредби. Комуникацијата била следена пред да бидат издадени и по завршување на траењето на важноста на судските наредби и на 1 541 број или вкупно 5 827 телефонски броеви. Прислушувањето директно и индиректно опфатло околу 20 илјади граѓани.
Судскиот процес го води судијката Џенета Бегтовиќ, а втор судија е Владимир Туфегџиќ.