Од Основниот кривичен суд потенцираат дека согласно Законот за кривична постапка (ЗКП), судот е тој што одлучува дали ќе ја прифати гаранцијата. На нивната одлука влијаело тоа што Мијалков во февруари кога доби куќен притвор повеќе од 24 часа беше недостапен, како и тоа што покрај за „Трезор“ има неправосилна пресуда и во „Таргет-Тврдина“, а против него се водат судски процеси и во „Титаник 2“ и „Тортура“. Исто така, потенцираат дека пред вчерашното позитивно мислење од обвинителите, тие претходно двапати дале негативни мислења за гаранцијата
Решението на кривичниот совет не е правосилно, а Мијалков и неговите адвокати имаат рок од 3 дена да се жалат пред Апелацискиот суд во Скопје
Ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков, останува во притвор бидејќи кривичниот совет во Основниот кривичен суд во Скопје ја одби понудената гаранција од 10,8 милиони евра.
Советот смета дека, и покрај понудената гаранција и согласноста од обвинителите тој да се брани од слобода со гаранција, сè уште постои опасност тој да избега.
„Кривичниот совет на одделението за организиран криминал и корупција, по добиено позитивно мислење од надлежното обвинителство, за уважување на предлогот за укинување на мерката притвор со замена – гаранција, донесе решение со кое предлогот на одбраната се одбива како неоснован. Советот, по проучување на списите во предметот, смета дека сè уште постојат причини поради кои била определена мерката притвор, имајќи ги предвид видот и карактерот на кривичните дела како и висината на изречената казна“,
велат од судот.
Мијалков издржува мерка притвор за случајот „Трезор“, каде што е неправосилно осуден на 8 години затвор.
Во објаснувањето од судот посочуваат дека покрај оваа, ексдиректорот на УБК има уште една неправосилна пресуда од 12 години затвор за случајот со масовното прислушување „Таргет-Тврдина“, како и дека против него се водат и два други предмета за кои претходно беа определувани други мерки за обезбедување присуство токму по предлог на обвинителство.
Мијалков е еден од од обвинетите во предметот „Плацови на Водно“ за кој неодамна Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција поднесе обвинение. Обвинението сега треба да го оцени Кривичниот суд и да одлучи дали ќе го прифати. Исто така, Мијалков е на листата осомничени и во предметот „Империја“, кој е во истрага. Во тек се уште два судски процеси, „Титаник 2“ и „Тортура“, од кои „Тортура“ е во самата завршница, односно останува уште да одбраната да даде заврши зборови и да се изрече пресуда.
На ваквата одлука влијаел и фактот што Мијалков беше повеќе од 24 часа недостапен кога пред изрекувањето на пресудата за „Таргет-Тврдина“ му беше определена мерка куќен притвор.
„На постоење на опасноста од бегство, заради која мерката притвор беше предложена од обвинителот и прифатена од судот, упатува и фактот дека обвинетиот по определување на мерката куќен притвор во предметот со КОК. бр. 47/17 („Таргет-Тврдина“) повеќе од 24 часа беше недостапен на органите на прогон, што води до заклучок дека по прифатена гаранција и укинување на мерката притвор, може повторно да биде недостапен на органите на прогон“,
велат од судот.
Обвинителите претходно дале две негативни мислења
За разлика од обвинителството кое даде позитивно мислење за гаранцијата од 10,8 милиони евра, од судот велат дека не се согласуваат со процената дека висината на гаранцијата е доволна за Мијалков да излезе од затворот „Скопје“ во Шуто Оризари.
Оттаму, исто така, потенцираат дека, за разлика од позитивно мислење од пред два дена, обвинителите претходно имале две негативни.
„Ја известуваме јавноста дека јавниот обвинител по поднесениот предлог за укинување на мерката притвор со определување гаранција на 18.5.2021 година даде мислење да се уважи предлогот, но претходно на 22.4.2021 год. и 4.5.2021 год. до судот има доставено мислења да се одбие предлогот за укинување на мерката притвор со предложената гаранција. Водејќи се по член 150 ст. 3 од ЗКП, согласно кој судот е тој што по слободна оценка одлучува дали ќе определи гаранција и кој ќе биде износот на истата, а во правец на претходните две негативни мислења на ЈО, кривичниот совет не се согласува со проценката на обвинителството дека висината на понудената гаранција претставува доволен основ за замена на мерката притвор со гаранција“,
посочуваат од Основниот кривичен суд.
Решението на кривичниот совет не е правосилно, а Мијалков и неговите адвокати имаат рок од 3 дена да се жалат пред Апелацискиот суд во Скопје.
Сашо Мијалков се наоѓа во затворот во Шуто Оризари од 26 февруари годинава, откако претходно неколку дена беше во куќен притвор.
Имено, во пресрет на изрекувањето на пресудата за „Таргет-Тврдина“, обвинителството на 21 февруари 2021 побара куќен притвор поради опасноста од бегство. Тогаш Мијалков повеќе од 24 часа не беше достапен. Надлежните распишаа дури и меѓународна потерница, а членови на семејството и обезбедувањето на Мијалков беа повикувани во полициска станица за да се добијат сознанија за евентуалното бегство. На 23 февруари тој сам се пријави во Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција од каде што беше однесен во куќен притвор. Тој дури и даде изјава во јавноста со објаснување дека имал многу висока температура, се изолирал и не знаел дека го бараат.
Дали бил во бегство и што се случувало во тој период, одговор треба да даде предистрагата што ја води Основното јавно обвинителство (ОЈО) – Скопје.
Во периодот од 23 до 26 февруари 2021, кога беше изречена пресудата, тој остана во куќен притвор. На објавувањето на првостепената пресуда со која доби 12 години затвор, обвинителката Ленче Ристоска побара ефективен наместо куќен притвор, што беше прифатено од судот, и тој беше пренесен во затворот во Шуто Оризари.
Десетина дена пред истекувањето на притворот за „Таргет-Тврдина“, кој можеше да биде максимум 60 дена, во Основниот кривичен суд во Скопје се изрече и првостепената пресуда за случајот „Трезор“ во кој тој доби 8 години затвор. Тогаш обвинителите Трајче Пеливанов и Артан Ајро побараа притвор за овој предмет, а нивното објаснување беше исто како и во „Таргет-Тврдина“ односно дека Мијалков е моќен и доволно имотен за да може комотно да живее во бегство.
„Причините за ваквиот предлог се делумно исти како и во ’Таргет-Тврдина‘, а тоа е дека преку Европол се потврдени податоците дека Мијалков има дозвола за престој и регистрирана адреса на живеење во Прага, Чешка, и таму поседува две возила регистрирани на негово име. Да дополнам и дека судот треба да го цени фактот дека обвинетиот е лице кое е добро ситуирано и дека тој и членовите на неговото семејство поседуваат приватни бизниси, што создава финансиска можност за организирање логистика и комотно живеење во бегство“,
рече Пеливанов по изрекувањето на пресудата во „Трезор“ на 13 април 2021.