Ексдиректорот на УБК е во притвор за „Трезор“, каде што е неправосилно осуден на 8 години затвор, покрај тоа што е првостепено осуден и за „Тергет-Тврдина“, а против него се водат постапки и за други случаи
Обвинителството дало позитивни мислење за ексдиректорот на УБК Сашо Мијалков да излезе од притворот во затворот во Шуто Оризари бидејќи смета дека понудената гаранција е доволна за тој да не избега.
„Обвинителството, ценејќи ги околностите и имајќи ги предвид наводите во предлогот и дополненијата за укинување на мерката притвор и нејзина замена со мерка гаранција, ценеше дека висината на понудената гаранција во доставените предлози, во вкупен износ од 10 871 170 евра е прифатлива за Обвинителството за обезбедување на присуство на обвинетиот до правосилноста на пресудата“,
велат од Обвинителството.
Мијалков издржува мерка притвор за случајот „Трезор“, каде што е неправосилно осуден на 8 години затвор. Таа мерка, согласно претходното решение на судот, е до правосилност на пресудата, но сега судот треба да одлучи дали ќе ја прифати гаранцијата и ексдиректорот на УБК ќе излезе на слобода.
Обвинителите Артан Ајро и Трајче Пеливанов, кои беа дел од СЈО, а неодамна беа избрани за обвинители во Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, кога го побараа притворот рекоа дека Мијалков е моќен и доволно имотен за да може комотно да живее во бегство.
„Причините за ваквиот предлог се делумно исти како и во ‘Таргет-Тврдина’, а тоа е дека преку Европол се потврдени податоците дека Мијалков има дозвола за престој и регистрирана адреса на живеење во Прага, Чешка, и таму поседува две возила регистрирани на негово име. Да дополнам и дека судот треба да го цени фактот дека обвинетиот е лице кое е добро ситуирано и дека тој и членовите на неговото семејство поседуваат приватни бизниси, што создава финансиска можност за организирање логистика и комотно живеење во бегство“,
рече Пеливанов по изрекувањето на пресудата во „Трезор“ на 13 април 2021.
Мијалков, исто така, има и неправосилна пресуда од 12 години затвор за случајот „Таргет-Тврдина“, а против него се водат и судски процеси за „Титаник 2“ и за „Тортура“, кој е во самата завршница.
Неодамна, Обвинителството поднесе и обвинение за случајот„Плацови на Водно“, во кој тој е еден од осомничените.