Ахмети по средбите со „огнената група“ рече дека зборувале за тоа да се средат нејаснотиите, но и порача оти ништо загрижувачко и ништо од тоа дека би можела да се формира друга партија
Пратеникот од ДУИ, Изет Меџити, по средбата со партискиот лидер Али Ахмети, порача дека остануваат на нивните барања кои беа изнесени во писмото кое минатиот викенд го објавија незадоволни членови и функционери од редовите на интегративците. Но, исто така, порача и дека како што ДУИ може без нив, така може и без Артан Груби, првиот вицепремиер кој во објавеното писмо беше апострофиран како одговорен за состојбите во партијата.
„Без нас е можно затоа што никој не е незаменлив, не само во ДУИ туку во кој било процес, така што е можно без Блерим, Изет и Муса, можеби без Артан. Мислам дека ДУИ работеше и без Артан и работеше добро, успешно, победа по победа и сакаме да ја вратиме ДУИ како победник во албанскиот табор“,
рече Меџити, пренесе ТВ21.
Ваквата порака на пратеникот доаѓа како коментар на првата изјава што ја имаше Ахмети изминатиот викенд откако се појави писмото, а во која порача дека ДУИ може и без него и без Меџити и останатите незадоволни познати како „огнената група“.
„Реков дека ДУИ има поставено стабилни структури кои можат да функционираат без Али Ахмети, без Блерим Беџети, без Муса Џафери, без Изет Меџити, ова е национална инвестиција и оваа национална инвестиција има силна основа и силна поддршка“,
рече Ахмети во неделата.
Денеска, пак, по средбите што ги имаше лидерот на ДУИ со незадоволните изјави дека зборувале за тоа да се средат нејаснотиите, но и порача дека ништо загрижувачко и ништо од тоа дека би можела да се формира друга партија.
„Со овие пресметки се занимавам веќе 20 години. Извршната власт има други проблеми, ограноците и општините имаат други проблеми и природно се појавуваат противречности меѓу овие институции, што е природно. Со извршната власт, раководители на ограноци зборувавме да се средат тие нејаснотии, недоразбирања. Во спротивно, нема ништо загрижувачко. Нема ништо од тоа што се зборува дека ќе се создаде нова партија“,
изјави денеска Ахмети.
Едната средба што ја одржа тој беше со огранокот од Чаир од каде доаѓа и Меџити, а меѓу присутните беше и градоначалникот на оваа општина, Висар Ганиу. Другата средбата, пак, беше со незадоволните од Сарај, меѓу кои и тамошниот градоначалник Блерим Беџети.
Покрај Меџити, Ганиу и Беџети, на писмото кое изрази незадоволство и револт од Груби, од актуелните функционери беа потпишани и пратеничката Мерита Колчи Коџаџику, која исто така, доаѓа од Чаир, и заменик-министерот за одбрана Башки Хасани.