Со извршната власт, раководители на ограноци зборувавме да се средат тие нејаснотии, недоразбирања. Во спротивно, нема ништо загрижувачко. Нема ништо од тоа што се зборува дека ќе се создаде нова партија, порача лидерот на ДУИ
Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, по средбите со партиските ограноци кои искажаа револт од првиот вицепремиер Артан Груби и побара промени во партијата, во изјава за медиумите призна дека има меѓучовечки односи кои не се добри, но во целина, како што рече тука се одредени луѓе и овие работи треба да се поправат.
Ахмети вели дека на средбите со незадоволните познати како „огнената група“ зборувале да се средат нејаснотиите, но порача дека нема ништо загрижувачко и нема ништо од тоа дека тие би можеле да формираат нова партија.
„Со овие пресметки се занимавам веќе 20 години. Извршната власт има други проблеми, ограноците и општините имаат други проблеми и природно се појавуваат противречности меѓу овие институции, што е природно. Со извршната власт, раководители на ограноци зборувавме да се средат тие нејаснотии, недоразбирања. Во спротивно, нема ништо загрижувачко. Нема ништо од тоа што се зборува дека ќе се создаде нова партија“,
изјави Ахмети, пренесе МИА.
Според него, средбите се за да бидат конструктивни и за постои дебата. Конкретно за денешните состаноци со ограноците од Сарај и Чаир кажа дека поминале добро и посочи дека ништо не е непоправливо.
„Меѓучовечките односи се над сè. Функциите доаѓаат и си одат, но човештвото останува. И во семејството имате кавги и никој не може да каже дека има идеални односи, но може да се случат и несогласувања. Но, да најдеме енергија да ги надминеме овие несогласувања бидејќи ни претстојат големи цели“,
рече Ахмети.
Средбите денеска тој ги одржа во партиското седиште во Мала Речица. Прво со огранокот од Сарај, а потоа и со незадоволните од Чаир. На нив присуствуваа градоначалниците на овие две општини Блерим Беџети и Висар Ганиу, како и пратеникот од Чаир Изет Меџити.
Тие се меѓу петмината актуелни функционери кои во саботата објавија писмо во кое побараа од Ахмети да го врати партиското единство и да ја заврши внатрепартиската „војна“, а го обвинија вицепремиерот Артан Груби дека како дел од извршната власт сам одлучувал за кадровските поставувања и дека дилетантски се однесувал, со што се придонело кон револт и пасивност на гласачкото тело што, пак, резултирало со лоши изборни резултати на последните избори во Тетово. Обвинија и дека во партијата не постојат и не се формираат статутарните партиски органи, дека политичкото одлучување станало индивидуално, како и дека не постои дебата и консултација со базата.
Останатите двајца актуелни функционери од ДУИ кои беа потпишани на писмото, покрај споменатите Беџети, Ганиу и Меџити, беа: Пратеничката од Чаир Мерита Колчи Коџаџику и заменик-министерот за одбрана Башки Хасани.
По денешната средба, покрај изјавата на Ахмети, се огласија Беџети и Меџити кои објавија фотографии нарекувајќи го Ахмети „претседател и пријател“, но и порачаа цврсто стојат на ставот против извршната власт.