На средбата со огранокот од Сарај бил и пратеникот Арбен Зибери кој рече дека на состанокот владеела релативно позитивна атмосфера и отворено се разговараше за сите работи внатре во партијата
„Огнената група“ од ДУИ која неодамна излезе со отворено писмо револтирана од првиот вицепремиер Артан Груби и побара промени во партијата, денеска беше на средба со партискиот лидер Али Ахмети во седиштето на интегративците во Мала Речица.
На два оддели состаноци биле ограноците од Сарај и Чаир, предводени од градоначалниците на овие општини, Блерим Беџети и Висар Ганиу, како и пратеникот од Чаир Изет Меџити. И едниот и другиот објавија фотографии со Ахмети нарекувајќи го „претседател и пријател“, но и порачаа цврсто стојат на ставот против извршната власт.
„Заедно со претседателот и мојот пријател Али Ахмети и цврсто на мојот став против извршната власт“,
напиша Беџети во описоот на фотографијата со партискиот лидер.
Речиси идентична порака напиша и Меџити кој објави фотографија на која покрај него и Ахмети, се и други претставници на ДУИ од Чаир меѓу кои и градоначалникот Висар Ганиу.
„Заедно со лидерот Али Ахмети и цврсто во ставот против извршната власт“,
напиша Меџити.
На средбата со огранокот од Сарај бил и пратеникот Арбен Зибери, кој доаѓа од оваа Општина, но не беше потпишан на писмото што излезе минатиот викенд. Во изјава за медиумите тој рече дека на состанокот владеела релативно позитивна атмосфера и отворено се разговараше за сите работи внатре во партијата. Исто така, порача дека ДУИ и овој пат ќе излезе многу посилна и пообединета.
Покрај споменатите градоначалници – Беџети и Ганиу и пратеникот Меџити, на писмото од „огнената група“ објавено во саботата беа потпишани уште двајца актуелни функционери од ДУИ: Пратеничката од Чаир Мерита Колчи Коџаџику и заменик-министерот за одбрана Башки Хасани.
Тие побараа од Ахмети да го врати партиското единство и да ја заврши внатрепартиската „војна“, а го обвинија вицепремиерот Артан Груби дека како дел од извршната власт сам одлучувал за кадровските поставувања и дека дилетантски се однесувал, со што се придонело кон револт и пасивност на гласачкото тело што, пак, резултирало со лоши изборни резултати на последните избори во Тетово. Обвинија и дека во партијата не постојат и не се формираат статутарните партиски органи, дека политичкото одлучување станало индивидуално, како и дека не постои дебата и консултација со базата.
По ова следуваше изјава на Ахмети во која тој застана во одбрана на Груби и порача дека се може и без него лично, но и без Беџети, Меџити итн.
„Реков дека ДУИ има поставено стабилни структури кои можат да функционираат без Али Ахмети, без Блерим Беџети, без Муса Џафери, без Изет Меџити, ова е национална инвестиција и оваа национална инвестиција има силна основа и силна поддршка“,
рече Ахмети во неделата.
Меѓутоа, во дел од јавноста како потег со кој се задоволува „огнената група“ кај интегративците беше протолкувано вчерашното именување директори од градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска. Имено, откако Арсовска се испокара со ВМРО-ДПМНЕ и директорите на јавните скопски претпријатија дадоа оставки или беа разрешени, вчера таа назначи нови меѓу кои се најдоа и две имиња од „огнената група“ во ДУИ. Станува збор за Саид Саид, претходно вработен во „Паркови и зеленило“, кој од вчера е в.д. директор на ЈП „Улици и патишта“, како и за Зухејр Реџепи, син на поранешниот поглавар на ИВЗ Сулејман Реџепи, кој беше назначен за в.д. директор на „Паркови и зеленило“.
Поради овие кадровски решенија денеска на седница на Советот на Град Скопје, советниците од ВМРО-ДПМНЕ на Арсовска ѝ ја честитаа коалицијата со ДУИ.