Таа вели дека било договорено, на пример, да работи една наместо две операциони сали, но во две смени со што практично би го добивале речиси доволниот капацитет на хируршките сали
Заменик-министерката за здравство Маја Манолева вели дека во текот на денешниот ден компресорите и садовите со компримиран воздух ќе бидат доставени до секоја од хируршките клиники и тие ќе може да почнат да работат според наредбата што ја добиле во текот на вчерашниот ден.

Манолева денеска во изјава за медиумите рече дека утринава се сретнала со директорите на сите хируршки клиники за да се види како е почнато преодното решение за надминување на проблемот со снабдување со компримиран гас од централната компресорска станица.
„Разговаравме и околу организацијата на работата на хируршките клиники. Имено, со наредбата што вчера ја добија хируршките клиники, беа задолжени да организираат работа во две смени со цел да се продолжи периодот на интервенции во една сала, затоа што имаме ограничен број надворешни компресори кои може да ги користат операционите сали“,
појасни Манолева.
Таа вели дека било договорено, на пример, да работи една наместо две операциони сали, но во две смени со што практично би го добивале речиси доволниот капацитет на хируршките сали.
„Дополнително на ова, со директорите на хируршките клиники, а во консултација претходна и со раководството на ФЗО и БЈН, беше договорено дека директорите треба да отпочнат постапка за итна набавка на надворешни компресори со што реално би го надминале овој проблем сѐ до конечно решавање на проблемот за снабдување со централен компримиран воздух“,
рече Манолева.
Исто така, Манолева рече дека на утринскиот состанок побарала од директорите, почнувајќи од утре, веќе да почнат да доставуваат извештаи за сработени итни, елективни интервенции, кои се направени на секоја од клиниките посебно.
„Истовремено на неделно ниво да се доставува извештај за побаран, но и обезбеден персонал што го побарале од ГОБ и ’8 Септември’ до хируршките клиники и можноста за испраќање соодветен потребен персонал“,
рече Манолева.
Таа додаде дека само две од хируршките клиники не се докомплетирани и очекуваат во текот на денешниот ден и утре да бидат и тие опремени со соодветни надворешни компресори и боци со компримиран воздух со што практично, како што рече, ќе може да се задоволат најголем дел од потребите на хируршките клиники многу бргу.
Манолева, одговарајќи на новинарско прашање, кажа дека нема доволен број компресори затоа што компресорите се набавувани како резервна варијанта од секоја од клиниките. Не било предвидено дека може да настане ваков дефект и според неа, треба да бидеме реални со овој проблем којшто го имаме.
„Но, сметам дека со набавка што нема да биде голема, секоја од клиниките да набави по еден, два или три компресори, мислам дека ќе се задоволат комплетните потреби на секоја од хируршките клиники. Сугерирав до директорите да набават и резервни компресори, за да може во случај, да нешто од тоа откаже, да може да се замени со резервна варијанта“,
истакна Манолева.
Таа беше прашана што е со вчерашните експерти кои вршеа увид во врска со проблемот со хируршките сали на Клиничкиот центар.
„Немам никаква најава во однос на техничките причини за сѐ ова што се случува на хируршките клиники. Но, знаејќи дека тоа е постара инсталација, сметам дека и кажав уште и во саботата, дека ЈУ ’Заеднички служби’ за потребите на здравството треба да се задолжи да во најбрзо време направи замена на компресорската станица со нова компресорска станица на друга локација, но исто така и замена на целокупната инсталација за довод за кислород и компримиран воздух со што би добиле најсоодветно и најадекватно решение. Но, исто така би побарала и да се достави план за динамика на спроведувањето на сите овие активности. Можам да кажам дека директорот на ЈУ ’Здравствени служби’, ме информираше дека имаат предвидено набавка на два компресора за компресорската станица, но веќе се поставува прашањето дали треба да се набават тие два компресора или треба да се набави нова компресорска станица што ќе го реши реално проблемот“,
одговори Манолева.
Таа кажа дека предметот е во Јавното обвинителство и би оставила на надлежните институции да проверат и да кажат каде е одговорноста.
„Она што е одговорност треба да го кажат други, но, она што е моја задача, лично, сметам дека ја извршувам одговорно и се трудам овој проблем да го надминеме колку што е можно побргу и колку што е можно со помали последици, пред сѐ за нашите пациенти“,
нагласи Манолева.
Хируршките сали во Клиничкиот центар во Скопје од 18 мај се затворени, а како причина за тоа е наведен непријатниот мирис што се ширел во нив.