Заменик-министерката за здравство вели дека на состанок со директорите на клиниките се договориле да отпочнат со работа сите хируршки клиники во Клиничкиот центар со операционите сали со користење на надворешни компресори и дополнително со садови со компримиран воздух

Заменик-министерката за здравство Маја Манолева ќе побара од владата да ја задолжи јавната установа Заеднички служби за потребите на здравството да изврши итна набавка и промена на локацијата на компресорската станица на Клинички центар.
Манолева, исто така, вели дека ќе побара и итна набавка и замена и на инсталацијата за довод на кислород и на компримиран воздух.
Заменик-министерката, денеска во изјава за телевизија Сител, кажа дека имале средба со директорите на клиниките и се договориле за алтернативни решенија за хируршките сали кои изминатите денови не работат поради проблеми со компресорската станица и со инсталацијата за кислород.
„Се договоривме да отпочнат со работа сите хируршки клиники во Клиничкиот центар во операционите сали со користење на надворешни компресори и дополнително со садови со компримиран воздух. Се договоривме оперативниот план и редоследот на пациентите да се реализира согласно одлуката од страна на стручните колегиуми на секоја од клиниките во рамки на индивидуалните капацитети на секоја клиника“,
вели Манолева.
Хируршките сали во Клиничкиот центар во Скопје изминатите денови се затворени, а како причина за тоа е наведен непријатниот мирис кој се ширел во нив. Од Министерството за здравство до Обвинителството стигнало известување дека имало проблеми со функционирањето на вентилацискиот систем во хируршките сали. Од Обвинителството, пак, известија дека предметот е распореден кај обвинител, кој треба да провери дали во овој случај има кривично дело, односно дали постои основа да поведе кривична постапка и против кого.
Министерот за здравство Илир Демири на прес-конференција минатата недела информира дека поради „мистериозната“ непријатна миризба, мостри се испратени до странска фирма во Сојузна Република Германија, која ќе го утврдува квалитетот на кислородот и компримираниот воздух од централниот систем на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“.
Дотогаш, како што посочи Демири, ќе се вршат хируршки интервенции кај итни и неодложни пациенти, а салите ќе се снабдуваат со кислород и компримиран воздух преку надворешни компресори кои се инсталирани во меѓувреме.
Другите полесни пациенти на кои им е потребна хируршка интервенција ќе се препраќаат во Клиниката „Св. Наум Охридски“ и во „8 Септември“.
Поради ситуацијата со хируршките сали во Клиничкиот центар, двојно е зголемен бројот на итни случаи на кои им се дава медицинска помош во Универзитетската клиника за хируршки болести „Св. Наум Охридски“.