Османи потврди дека се разговара за именување амбасадор во Софија, но посочи дека сите други наводи на конкретни имиња за амбасадори во Њујорк, Вашингтон… се само информации што провејувале во медиумите
Нема да дозволам македонското МНР да стане дел од дневниот предизборен политички фолклор во Бугарија, нагласи неколкупати шефот на дипломатијата Бујар Османи во денешната изјава по средбата со лидерите на верските заедници во земјава во врска со активностите за спроведување на пописот.
Коментирајќи за последниот настап на бугарскиот претседател Румен Радев и одговарајќи на прашање дали е испратена протестна нота до Софија, Османи посочи дека почитувањето на индивидуалните и на колективните права на припадниците на етничките заедници во земјава е нешто со што нашата земја посебно се гордее во светот.
„Ако со нешто се гордееме во светот тоа е мултиетничкиот карактер на нашето општество, почитувањето на индивидуалните и на колективните права на заедниците во земјава. Ако некој има какви било информации дека некој не може да ја определи својата етничка припадност, државата е тука да ги заштити правата на граѓаните. Но не смееме да дозволиме, поради билатерални разлики, некој да ја претставува државата во погрешно светло“,
рече Османи.
Тој рече дека, за време на посетата на Софија, разговарал за сите отворени прашања со својата колешка Екатерина Захариева.
„Пред неколку дена, во Софија, со министерката Захариева разговаравме за сите прашања и за продолжување на процесите и на разговорите. Ама нема да дозволам МНР да влезе во предизборниот фолклор во Бугарија. Секако дека во овој период ќе слушнеме многу ‘креативни’ идеи како дел од тој предизборен фолклор, ама не смееме да ги храниме тие идеи“,
рече Османи.
Османи, исто така, потврди дека во МНР се разговара за именување амбасадор во Софија, што е една од дипломатските позиции што се испразнети подолго време. Но тој посочи дека сите други наводи на конкретни имиња за амбасадори во Њујорк, Вашингтон… се само информации што провејувале во медиумите и дека МНР никогаш не ги потврдило ниту демантирало, со оглед на дискрецијата што е предвидена за постапката за именување дипломатски претставници.
„Процедурата за именување амбасадори, од предлагање во МНР, преку координација меѓу Владата и претседателот, до добивање агремани е дискретен процес. МНР досега се нема искажано за кој било кандидат. МНР во ниту еден момент нема спомнато ниту сме потврдиле ниту демантирале информации што провејувале во медиуми. Не смееме да коментираме процес на именување на амбасадори сѐ до добивање агреман“,
изјави Османи.