Нема потреба да бараат, има таква графа, има за сè што ќе се изјаснат, ова е коментарот на директорот на Државниот завод за статистика (ДЗС), Апостол Симовски, во однос на денешната изјава на шефот на дипломатијата Бујар Османи со која тој ги повика претставниците на бугарските здруженија во земјава да ги контактираат пописните органи и да побараат соодветна графа во рамките на пописот.
Симовски појасни дека во формуларите за попишување не се издвојуваат одредени националности, туку графата е празна и им се остава на граѓаните сами да си кажат.
„Секогаш било и сега е таков принцип, за граѓанинот кога се изјаснува да не може да му се влијае на кој било начин. Ако вие му дадете да избира од одреден список на припадности, тогаш вие на некој начин влијаете. Затоа е празна графата, со впишувањето на првите три букви од она што се изјаснува, се повлекува она што го имаме ние во кодексот на шифри и за да може да се добие, бидејќи во статистиката секој запис се префрла во бројка, соодветен код. Меѓутоа, празна е за да нема влијание. А, во кодексот на шифри е ставено сѐ што постои сознание дека некогаш во оваа држава некој се изјаснил за некаква етничка припадност, стои во тој кодекс и има можност и право“,
вели Симовски.
И ако за некоја националност не е вметнат код во системот, тоа не е проблем, па некој и да се изјасни и како Марсовец, ќе биде потпишан какао таков.
„И да не стои, ќе добие своја дополнителна шифра бидејќи, на крајот на краиштата, има преку 2 000 етнички заедници во светот, ние не можеме да ги предвидиме сите кои се и што се. Како и да е, дури и нешто што е невозможно, да одиме и на оние најбанални случаи, некој да се изјасни како Марсовец, како таков ќе се запише и ќе добие свој код“,
рече Симовски.
Вчера на оваа тема зборуваше и премиерот Зоран Заев, кој го потенцираше токму принципот прашањето за националноста да биде отворено. Тој рече дека иако во Уставот немаме етничка припадност Бугари, во пописот правото на определба за етничката припадност е отворено и прашањето ќе гласи „На која етничка заедница ѝ припаѓате?“, па секој ќе може слободно да се изјасни.
Османи, чија изјава денеска ја коментираше Симовски побивајќи ги наводите дека во пописот стојат опции за етничка графа, порачува дека во земјава никој не смее да ги загрозува правата на бугарската заедница и нивната посебност.
„Напротив, граѓанските организации треба да бидат охрабрени да соработуваат со властите и да бидат внесени во сите механизми за остварување на своите колективните права. Уште веднаш претставниците на овие здруженија треба да ги контактираат пописните органи и да побараат соодветна графа во рамките на пописот, со цел утврдување на квантитативната, демографската и географската дистрибуција на оваа засебна заедница, што би придонело значајно при формирањето на идните политики и на Владата и на соодветните единици на локалната самоуправа и воопшто на државата“,
напиша Османи.
Граѓаните нема да добијат потврда како што се изјасниле во пописот
Покрај дилемата околу графата за етничката припадност, Симовски денеска зборуваше и за тоа дали граѓаните кои би се изјасниле како Бугари би можеле да добијат потврда за понатаму да побараат и бугарско државјанство. Тоа, рече тој, не е можно ниту овде ниту каде било во светот.
„Ниту еден граѓанин не може да добие каков било формулар како се изјаснил, тоа останува тука, тоа се лични податоци, не смеат да се даваат јавно. Ова е правило што постои откако постојат пописи и важи за сите земји во светот. Жал ми е што одредени држави, не е само бугарската држава, барале и од нас и во изминатите години за оние лица кои аплицираат за нивно државјанство да достават како се изјасниле на пописот. Никој ниту добил ниту некогаш ќе добие ниту, пак, ние имаме право и смееме да дадеме ваков податок“,
рече директорот на ДЗС.
Ова прашање беше актуализирано во јавноста откако излезе информација дека културниот центар „Иван Михајлов“ од Битола побарал од бугарскиот државен врв секој граѓанин на Северна Македонија да добие бугарско државјанство ако со фотокопија од пополнетиот формулар на пописот докаже дека се осмелил да се регистрира како македонски Бугарин.