„Ние сме земја членка на НАТО и не смееше да се дозволи таков скандал во просториите на тој дел од критичната инфраструктура физички да се пресметуваат луѓе како да е кафеана. Мислам дека треба да тргнеме од тука и да влеземе во процес, извршните органи пред се Владата да влезат во процес на расчистување, едно е обвинителство, друго е дисциплинска постапка, трето е кадровска политика, кого ќе примаме таму итн…Мислам дека таа институција е зрела за генерален ремонт, благо кажано“, вели Пендаровски во интервју за „Тема на денот“ на ТВ Сител
Тоа беше брука. Вака шефот на државата ги оценува случувањата во Македонската навигација (М-НАВ) од минатата недела, кога беше нападнат вработен во контролата на летање.

Пендаровски, говорејќи на оваа тема во вечерашното интервју за „Тема на денот“ на ТВ Сител, рече дека дента (минатиот четврток – 4 јануари) го побарале амбасадорите на клучни земји во Скопје и високи преставници на НАТО да го прашаат дали е безбедно небото и за авиони на Алијансата.
„Немојте да заборавите дека во тие 20-30 прелети или приземјувања имаше два авиони на НАТО, а во прелетите знаете на каде прелетуваат најчесто авионите на Алијансата, во едно подрачје кое е жешко во последните две години и исклучително е важно да има е гаранција за безбедноста на тие луѓе таму“,
рече Пендаровски.
Тој не сакаше да ја коментира денешната седница на Илинденска број 2, на која Владата првин излезе со еден предлог за нов претседател на Управниот одбор на М-НАВ и извршен директор на воздухопловната навигација, по што се пишмани и предложи друго име, откако стана јасно дека првото не ги исполнува условите за да биде именувано на таа позиција.
„Немам информација што се случувало на (седницата) на Владата во тие неколку часови. Да сум дел од таа структура би можел да коментирам“,
изјави претседателот, додавајќи дека на денешниот Божиќен ручек кај поглаварот на МПЦ-ОА, г.г. Стефан не разговарале во детали со премиерот Димитар Ковачевски за таа работа.
Пендаровски, во таа насока рече дека сака да се врати една-две години наназад, на незадоволството што владее во оваа институција уште кога имаше обиди на данскиот конкурс да се примат неквалификувани кадри.

„Тоа таму трае година или две наназад, од оној познат конкурс во кој беа дански контролори, во кој не беа примени оние кои заслужуваат или беа примени на крајот по многу натегања и одбивања на сите странични партиски влијанија, па се до денеска. Таму врие подолг временски период“,
рече претседателот.
Добро е што Владата решила да влезе во процес на расчистување на состојбите, рече Пендаровски.
Според него М-НАВ е институција која е зрела за генерален ремонт.
„Се работи за дел од т.н. критична инфраструктура која во секоја држава се гледа со посебно внимание, постои посебен закон за таа критична инфраструктура. Ние сме членка на НАТО и не смееше да се дозволи таков скандал во просториите на тој дел од критичната инфраструктура физички да се пресметуваат луѓе како да е кафеана. Мислам дека треба да тргнеме од тука и да влеземе во процес, извршните органи пред се Владата да влезат во процес на расчистување, едно е обвинителство, друго е дисциплинска постапка, трето е кадровска политика, кого ќе примаме таму итн…Мислам дека таа институција е зрела за генерален ремонт, благо кажано“,
кажа шефот на државата во интервјуто.
На дополнително прашање и забелешка на неговиот домаќин, дека повторно гледаме партиски вработувања и дека според некои информации лицето кое треба да седне на раководната позиција на М-НАВ наводно е роднина на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, шефот на државата вели оти не мисли дека само ДУИ е на чело на таа институција или дека ја контролира таа институција. Во овој контекст тој, како еден од најголемите опасности за солидноста и за перформансот на нашите државни институции ја посочи прекумерната етнизација и партизација.
„Ова е само една од институциите, бидејќи е дел од критичната инфраструктура и влегува повеќе во очи кај секој – дали е безбедно нашето небо на крајот на краиштата и со право и во окото на јавноста. Меѓутоа јас мислам дека ние не смееме да ги држиме истите критериуми по партиската припадност. Било чија, не само на ДУИ, на СДСМ, на било кого, порано имавме држава која ЕУ ја карактеризираше како заробена држава затоа што исто така беа партиски кадри само од друга провиниенција. Ние мора да кажеме стоп, некаде навистина е битно да бидете квалификувани и стручни, а не само партиски подобни“,
рече Пендаровски.

Продолжувајќи на истата тема, на дополнително прашање на новинарот околу перцепцијата за тоа кој владее со држава, Пендаровски повтори дека според него партизацијата е рак рана на македонското општество, години наназад, притоа осврнувајќи се на т.н. Балансер (алатка/ калкулатор кој одредува од која националост треба да бидат идните кандидати при оглас за вработување), за кој рече дека треба да го промениме.
„Мислам дека ќе го поедноставиме проблемот и нема да ги објасниме корените на проблемот ако се концентрираме на една политичка партија. Партизацијата повторувам е рак рана на македонското општество, години и години наназад. Од Рамковниот договор со кој правилно беше зацртано да има луѓе и од другите етнички заедници, не само предоминантни од едната, ние дојдовме до еден значаен процент, ние имавме 2,4 отсто во 2001 година во целата државна администрација, дојдовме до 21 процент, а ние на сила сè уште го имаме т.н. етнички балансер кој како прв критериум вели дека мора да биде од таа етничка заедница. Во моментов имате непотребни вработувања по етнички клуч во Македонски шуми. Дали ни е тоа потребно? Не. Зошто не го промениме? Треба да го промениме“,
рече Пендаровски.
Коментирајќи ја изјавата на Фахрудин Хамиди кого Владата денеска го разреши од претседател на Управниот одбор на М-НАВ, а кој насилството што се случи минатата недела го оцени како кошкање, шефот на државата рече дека според видеоматеријалите обезбедени од Обвинителството станува збор за физичка пресметка.
„Она што јас го знам од надлежните органи, тоа е работа на надлежни органи, јас како политички фактор не смеам да се мешам во тие постапки, меѓутоа од видеолентите кои се обезбедени од страна на Обвинителството станува збор за физичка пресметка и телесна повреда на едниот од нив. Не станува збор за кошкање, која квалификација ќе ја има тоа понатаму што се случувало е работа на Обвинителството, но не станува збор за кошкање“,
рече претседателот на државата во интервјуто.