Претседателот Пендаровски го реафирмира ставот дека ничиј личен или политички интерес не може да биде над правниот поредок и непреченото функционирање на институциите, се вели во соопштението од кабинетот на Пендаровски по средбата

Поддршка на заложбите на Струковиот синдикат на контролори на летање за одржување на професионалното ниво во функционирањето на М-НАВ АД – Скопје, која е дел од критичната инфраструктура во државата, денеска им беше дадена од претседателот на државата Стево Пендаровски.
„Претседателот Пендаровски го реафирмира ставот дека ничиј личен или политички интерес не може да биде над правниот поредок и непреченото функционирање на институциите“,
се вели во соопштението од кабинетот на Пендаровски по средбата.
На средбата на Александар Тасевски, претседател на Струковиот синдикат на контролори на летање и Горан Гавровски, член на синдикалниот одбор, Пендаровски го осудил насилничкото однесување во М-НАВ.
„Претседателот Пендаровски уште еднаш го осуди насилничкото однесување во М-НАВ од страна на вработени во таа институција и други лица кои неовластено влегле во нивните простории и повика на расчистување на случувањата во најкус можен рок, имајќи предвид дека станува збор за потенцијално загрозување на безбедноста во меѓународниот авионски сообраќај“,
се додава во соопштението.
За средбата со претставници на Струковиот синдикат на контролори на летање, претседателот Стево Пендаровски објави и на својот фејсбук-профил.
Владата денеска треба да одржи седница, на која, како што е најавено, ќе носи одлуки за состојбата во М-НАВ, меѓу кои разрешување на целото раководство и ревизија за досегашното работење.
Ова следува откако минатата недела осум лица, меѓу кои и Беким Незири, поранешен министер, советник на директорот на М-НАВ и претседател на огранок на ДУИ, упаднаа во канцелариите на македонска навигација на аеродромот во Скопје.