„Доколку оператор на дрон забележи или слушне полициски хеликоптер во близина, должен е веднаш и без одлагање безбедно да го приземји дронот. Во ниту еден случај не смее да се управува со дрон во насока кон хеликоптер, да се приближува до него, да се следи неговото движење или да се снима од непосредна близина. Особено нагласуваме дека присуството на дрон во зоната во која дејствува хеликоптер претставува сериозна опасност за безбедноста на летот“, се наведува во соопштението од МВР
Министерството за внатрешни работи (МВР) денеска упати апел и предупредување до сопствениците и операторите на дронови да бидат исклучително одговорни, дисциплинирани и да ги почитуваат правилата при управувањето со беспилотните летала. Причина за предупредувањето е заштита на безбедноста на полициските хеликоптери кои во овој период имаат зголемен обем на активности, односно се ангажирани за гаснење пожари, извидување, транспорт и други оперативни задачи на целата територија на државата.

„Поради природата и итноста на задачите, местото, времето и маршрутата на движење на полициските хеликоптери не секогаш можат однапред да бидат предвидени, особено при интервенции поврзани со пожари и други итни настани“,
велат од МВР.
Поради тоа, посочуваат оттаму, потребно е доследно почитување на правилата за безбедно користење на воздушниот простор.
Во таа насока, од Министерството предупредуваат, лицата кои не ги исполнуваат законските услови за управување со дронови и немаат соодветни одобренија, регистрации и сертификати во случаи кога тие се потребни, да не вршат операции со нив спротивно на важечките прописи.
Операторите што ги исполнуваат пропишаните услови, пак, се должни операциите да ги вршат исклучиво во согласност со важечките воздухопловни прописи, ограничувањата на воздушниот простор и условите утврдени од надлежните воздухопловни органи. Ова, како што наведуваат од МВР, ги вклучува и потребните најави и координација со надлежните служби за контрола на летање.
„Доколку оператор на дрон забележи или слушне полициски хеликоптер во близина, должен е веднаш и без одлагање безбедно да го приземји дронот. Во ниту еден случај не смее да се управува со дрон во насока кон хеликоптер, да се приближува до него, да се следи неговото движење или да се снима од непосредна близина. Особено нагласуваме дека присуството на дрон во зоната во која дејствува хеликоптер претставува сериозна опасност за безбедноста на летот“,
се вели во соопштението од МВР.
Судир на дрон со хеликоптер, посочуваат оттаму, може да предизвика сериозно оштетување, губење контрола над воздухопловот и директно загрозување на животот на екипажот, како и безбедноста на лицата и имотот на земја.
Ризикот, како што додаваат од Министерството, е дополнително зголемен при операции за гаснење пожари, кога хеликоптерите летаат на мали височини. Во услови кога има чад, намалена видливост, трубуленација, а екипажот на хеликоптерот е оптоварен со работа, да се забележи и избегне мал беспилотен воздухоплов – дрон може да биде исклучително тешко, објаснуваат од Министерството.
„Појавата на дрон во оперативната зона може да доведе и до целосен прекин или одложување на летачките операции, со што директно се намалува ефикасноста на интервенцијата и дополнително се загрозуваат населението, пожарникарите, имотот и природните ресурси“,
додаваат оттаму.
Од МВР велат дека ќе преземаат мерки за идентификување и утврдување на одговорност на лицата кои со незаконско или небезбедно управување со дронови ја загрозуваат безбедноста на воздушниот сообраќај и полициските воздухоплови.
За непочитување на обврските против овие лица ќе бидат покренати прекршочни, а онаму каде што законот тоа го санкционира, и кривични мерки.
Од МВР велат дека за слични вакви евидентирани случаи надлежните служби веќе постапуваат во рамките на своите законски овластувања.
„Министерството апелира до сите граѓани и оператори на дронови да покажат максимална одговорност и дисциплина. Безбедноста на екипажите кои секојдневно се ангажирани во заштита на граѓаните и справување со пожарите мора да биде заедничка одговорност на сите“,
апелираат од Министерството.
