„Отсуството на албанската национална химна претставува сериозен пропуст и отстапување од пишаните и непишаните правила на бонтон и протокол, кои бараат и наметнуваат почитување на националните симболи заедно со оние на заедниците што ги претставуваат“, пишува во реакцијата на Министерството за Европа и надворешни работи на Албанија
Градоначалникот на Пустец, Пали Колефски, соопшти дека настанот го организирало здружението „ВМРО-ДПМНЕ Албанија“. Тој се извини во име на организаторите и додаде дека Општина Пустец била само поканета во овој настан, а не учествувала во организирањето

Министерството за Европа и надворешни работи на Албанија реагира по културниот настан одржана вчера во Пустец, во присуство на премиерот Христијан Мицкоски, при што не беше интонирана химната на Албанија.
Албанското МНР го опиша ова како сериозен недостаток на почитување на националните симболи и правилата на институционалниот протокол.
„Министерството за Европа и надворешни работи жали за фактот што, на културна активност одржана вчера во Пустец, со учество на премиерот на Северна Македонија и градоначалникот, не беше изведена албанската национална химна, заедно со онаа на Северна Македонија. Иако активноста беше организирана од локално здружение, присуството на високи институционални претставници и локални избрани функционери ѝ даде посебна јавна димензија. Во овој контекст, отсуството на албанската национална химна претставува сериозен пропуст и отстапување од пишаните и непишаните правила на бонтон и протокол, кои бараат и наметнуваат почитување на националните симболи заедно со оние на заедниците што ги претставуваат. Почитувањето на националните симболи не треба да биде прашање на политика или толкување. Тоа е дел од институционалната етика, протоколот и, пред сè, меѓусебно почитување, особено во простор каде што коегзистираат различни заедници и идентитети. Во Пустец, како и во секој простор во Република Албанија, почитувањето на националните симболи е дел од почитувањето на самите граѓани, на вредностите на демократскиот соживот и граѓанската култура што нè обединува. Тоа е исто така основа на добрососедство и здрави односи меѓу нашите народи и држави“,
пишува во реакцијата на Министерството за Европа и надворешни работи на Албанија.
Градоначалникот на Пустец, Пали Колефски, соопшти дека настанот го организирало здружението „ВМРО-ДПМНЕ Албанија“. Тој се извини во име на организаторите и додаде дека Општина Пустец била само поканета во овој настан, а не учествувала во организирањето.
„Да бидам искрен, пред да се одржи оваа активност, ги прашав организаторите, поточно претседателот на здружението на ВМРО во Албанија, за официјалната програма. Ми рекоа дека ќе има традиционални македонски песни и ора и дека активноста ќе започне со македонската химна. Ги замолив, кога ќе се свири македонската химна, да се свири и албанската химна бидејќи така треба да биде на секој официјален прием или церемонија. Ние сме албански граѓани, живееме тука и химната мора да се почитува“,
изјави Колефски.
Премиерот Христијан Мицкоски вчера објави дека ја посетил Мала Преспа, каде што присуствуваше на фолклорниот фестивал „Преспа 2026“ посветен на македонската традиција, култура и фолклор. Оттаму порача дека границите може да ги поделат териториите, но не може да ги избришат јазикот, културата и чувството на припадност.
„Со особена чест денес сум меѓу Македонците од Мала Преспа и како покровител на фестивалот ја испраќам пораката дека Македонија е со вас“,
наведува тој во објавата на социјалните мрежи.
Во дел од медиумите вчера беше објавено дека фестивалот е во организација на македонското друштво „Преспа“, Здружението „ВМРО-ДПМНЕ Албанија“ и Општина Пустец, под покровителство на премиерот Христијан Мицкоски.
