Не ми беше верно дека такво нешто е можно, вели шефот на државата
Случајот со М-НАВ и конкурсот за селекција и обука на кандидати за контролори на летање, стигнал и на највисоко државно ниво, откри вечерва претседателот Стево Пендаровски во гостувањето во емисијата „24 анализа“ на ТВ24.
До шефот на државата реагирал амбасадорот на Данска, за да праша зошто од М-НАВ пратиле писмо до данската фирма во кое прашувале зошто ги избрале конкретните кандидати.
„Данскиот амбасадор кој ја покрива Македонија и кај мене се интересираше што е заднината на писмото барањето кое од М-НАВ го пратиле до нив кај што ги прашале, народски кажано, како баш овие ги избравте. Може да замислите, на највисоко политичко ниво и мене ме прашуваа. Јас морав таму да прашувам бидејќи не ми беше верно дека е можно такво нешто“,
рече Пендаровски.
Случајот стана фокус на јавноста откако беше објавено дека членови на Управниот одбор на М-НАВ сакале да го поништат огласот бидејќи не се избрани нивни или деца на функционери од ДУИ. На конкурсот биле пријавени околу 250 кандидати, а за изборот на кандидати беше задолжена „Гејт авиејшн тренинг“ – лиценцирана фирма од Данска. Обвинувања дека сакаат да го поништат конкурсот јавно изнесоа и од Струковиот синдикат на контролори за летање (ССКЛ).
Од М-НАВ тогаш демантираа дека го оспоруваат конкурсот и изборот на кандидати, а неколку дена откако случајот стана една од главните теми во јавноста од М-НАВ соопштија дека го прифатиле изборот на кандидати за обука и дале насоки за нивно вработување на определено време и упатување на школување.
На прашање дали раководството на М-НАВ треба да си поднесе оставки и зошто Владата ги штити членовите на УО на оваа институција, а од друга страна во здравството имаше барање за оставки на директори на клиники поради наводни злоупотреби, Пендаровски одговори дека за тоа треба да каже премиерот Димитар Ковачевски.
„Треба да има одговорност, но дали се аплицираат двојни стандарди, треба премиерот да одговори. Не ги знам детали на двата случаи, но апсолутно е јасно. За докторите се тврдеше дека Фондот за здравство има изготвено извештаи со наводно констатирани злоупотреби. Ако се констатирани злоупотреби нема што да размислуваме“,
рече Пендаровски.