„Во мислењето на Институтот за социолошки и политичко-прави истражувања-Скопје е наведено дека Снежана Манев, кандидатка за претседател на суд, била тестирана на 4.7.2023 година. Поради замор манифестиран во тестовна ситуација, не била во можност до крај самостојно да го пополнува психолошкиот тест на личност и тестот за интегритет поради што стручните лица препорачуваат таа повторно да полага на 14.7.2023 година“, се наведува во соопштението од Правда, од каде што укажуваат дека со ваквото постапување се создава нова незаконска пракса за лице што веќе еднаш не го положило тестот да добие можност повторно да го полага
Министерот за правда Кренар Лога испратил писмен допис до Судскиот совет во врска со мислењето на Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања-Скопје судијката Снежана Манев повторно да има право да полага психолошки и тест за интегритет.
Лога, како што се наведува во соопштението од Министерството за правда испратено денеска, бара од Советот да постапи согласно законските надлежности во врска со мислењето на стручните лица.
„Министерот за правда Кренар Лога испрати писмен допис до Судскиот совет на Република Северна Македонија во кој се бара советот да постапи согласно законските надлежности во врска со мислењето дадено од страна на Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања-Скопје, за судијата Снежана Манев повторно да има право да полага психолошки тест за личност и тест за интегритет. Во мислењето на Институтот наведено е дека Снежана Манев, кандидатка за претседател на суд, била тестирана на 4.7.2023 година. Поради замор манифестиран во тестовна ситуација не била во можност до крај самостојно да го пополнува психолошкиот тест на личност и тестот за интегритет поради што стручните лица препорачуваат таа повторно да полага на 14.7.2023 година“,
се наведува во соопштението од Правда.
Оттаму укажуваат дека со ваквото постапување се создава нова незаконска пракса за лице што веќе еднаш не го положило тестот да добие можност повторно да го полага.
„Воедно, со ваквата постапка од субјективни причини се отвора прашањето, дали на судијата Манев ѝ е овозможено да полага тест за интегритет спротивно на законските одредби“,
се додава во соопштението.
Инаку, ова не е првпат министерот за правда да реагира до Судскиот совет во врска со судијката Снежана Манев, која е в.д. претседателка на Основниот суд во Куманово.
Од Министерството за правда на 11 јули соопштија дека Судскиот совет со месеци одолговлекува и не презема мерки за санкционирање и одговорност на претседателката на Основниот суд Куманово за констатирани неправилности со АКМИС. Оттаму тогаш посочија дека министерот за правда Кренар Лога во неколку наврати испратил писмен допис до Судскиот совет во кој се бара преземање соодветни мерки или дејствија по однос на констатираните наводи, објавени во извештај уште на 1 февруари годинава.
Лога, како што информираа тогаш од неговиот кабинет, првиот допис го испратил на 11 април, а потоа испратил ургенција на 22 јуни бидејќи, освен куси преписки, од Судскиот совет не добил конкретни одговори.
Од Судскиот совет тогаш одговорија дека АКМИСОТ е во надлежност на ресорното Министерство за правда кое врши редовни и вонредни контроли на судовите и доколку се констатирани одредени отстапувања и неправилности, министерството може да изготви извештај и да иницира соодветна постапка.
Истовремено во реакцијата од Советот тогаш потсетија дека министерот за правда по функција е член на Судскиот совет без право на глас и за секоја седница добива уредни покани и доколку сака може да учествува во расправата на секоја тема.