Нова реакција на најавените измени на моделот на настава во основното образование
Иницијативниот одбор на ликовни педагози и Детскиот ликовен центар-Скопје реагираат на идејата на МОН за спојување на ликовно и музичко во еден предмет бидејќи, како што велат, ќе се изгуби суштината на двата предмета од аспект на учениците и наставниот процес. Тие сметаат дека е потребна поголема застапеност на часовите по ликовно, но и промена на моделот и програмата.
„За целосно развивање на креативниот потенцијал на учениците потребно е ликовното образование да биде редовен предмет со два блок часови неделно, од прво до деветто одделение. Исто така многу важно е ликовните педагози да бидат вклучени во наставата од прво одделение со цел да ги препознаваат и насочуваат потенцијалите за сите професии поврзани со визуелната уметност. Предметот ликовно да е дел од програмата на средните стручни училишта со два часа неделно, особено училиштата (текстилно, архитектонско) во кое се јавува особена потреба од визуелна писменост“,
се вели во соопштението на Иницијативниот одбор на ликовни педагози на РСМ и Детскиот ликовен центар-Скопје, како што пренесува МИА.
Тие сметаат дека со предложените промени најмногу ќе изгубат учениците, но и наставниот процес во целина, бидејќи предметот ликовно образование е посебен предмет со свои специфични наставни содржини и истиот нема врска со изборните предмети.
„Сакаме да укажеме и на фактот дека во одредена мера Вашиот концепт има делумно неточни претпоставки. Имено, не е точно дека нашите ученици се премногу оптоварени, туку напротив, македонските ученици спаѓаат во најмалку оптоварените по број на часови и предмети во Европа. Оптовареноста, според нас, е во содржините и несоодветните програми, а особено во застарениот и неадекватен наставен процес и методички пристап, а не во бројот на часови и предмети. Тоа, конкретно се огледа и во предметот ликовно образование. Имено, во ЕУ овие предмети се застапени во просек од два до четири часови“,
велат ликовните педагози.