На средбата во мај ќе се разговара за натамошниот тек на политичкиот процес во земјата, како и за можните термини за одржување на следните парламентарни избори, велат од кабинетот на претседателот Пендаровски
Претседателот Стево Пендаровски планира да организира лидерска средба во првата половина од мај, а на неа да се разговара и за датумот за избори.
Барањето во претседателската вила да се собрат лидерите на политичките партии, синоќа го испрати лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, за време на неговото гостување во емисијата „360 степени“ на Алсат ТВ. Тој рече дека пред завршувањето на првите 30 дена од вонредната состојба било договорено да има лидерска средба и да се слушне потребата од следни 30 дена и побара од шефот на државата да свика нова лидерска за да се најде начин за излез од, како што вели, кризната состојба во која се наоѓа државава.
Повикот за лидерска на јавна сцена го врати и прашањето за одржувањето на изборите. Изборните активности се замрзнати со уредба што ја донесе Владата, според која, изборниот процес треба да продолжи со нов роковник на ДИК еден ден по завршување на вонредната состојба. Притоа, се признаваат сите дејства преземени до моментот на носење на уредбата.
Од СДСМ не гледаат потреба сега да се разговара за избори.
„Апсолутно не е време да се разговара за избори, има време за избори, ќе разговараме за тоа кога ќе дојде време. Наш главен фокус останува здравјето на нашите граѓани и економските мерки чија цел е да зачуваме што повеќе работни места, да им помогнеме на што повеќе граѓани и заеднички да ја пребродиме оваа криза“,
одговори потпретседателот на СДСМ, Коста Петров, на новинарското прашање – дали по повикот на Христијан Мицкоски за СДСМ е прифатлива лидерска за одредување термин за избори и кој датум е прифатлив за социјалдемократите.
ВМРО-ДПМНЕ возврати дека социјалдемократите лажно го толкувале синоќешното барање на Мицкоски, бидејќи никој од нивната партија не спомнал избори, туку лидерска за излез од ситуацијата.
„Од една страна, брифираат датуми за избори, покренуваат полутајни иницијативи за свикување на Собрание, грчевито се борат за фотелјата на Заев, а од друга страна, во јавност велат дека се загрижени за здравјето на граѓаните. За ВМРО-ДПМНЕ приоритет не се изборите, туку здравјето на граѓаните и економијата. Заев е тој што борбата за фотелја ја става пред здравјето на граѓаните. Апелираме на разумно и зрело однесување. Одбивањето на свикување лидерска средба значи незрел однос на СДСМ и недораснатост да се дискутира за најважните прашања во државата“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.
ДУИ, пак, нема ништо против лидерска средба. Сите следни одлуки, порачаа интегративците, треба да се носат консензуално без разлика дали ќе биде на средба кај Пендаровски или лидерите ќе се договорат телефонски или преку видео-врска.
„ДУИ останува на ставот дека сите позначајни одлуки треба да се донесат консензуално, со што е можно поширока поддршка. Формата за постигнување на консензуалноста е помалку значајна од содржината и почитувањето на договореното. Датумите за формирање техничка влада, распуштање на Собранието, предвремени избори, па и одложувањето на тие избори, беа донесени консензуално и беа поддржани од сите. Сите чинители сега треба повторно консензуално да се договорат за следните чекори, било тоа да е телефонски, преку видео-врска или во друга форма“,
велат од ДУИ за „360 степени“.
Од Кабинетот на претседателот Стево Пендаровски, кој беше директно прозван од Мицкоски, како што објавивме, велат дека шефот на државата планира лидерска средба за првата половина на мај.
„Во врска со иницијативите искажани во јавноста за повторно одржување на лидерска средба на претставниците на парламентарните политички партии од власта и од опозицијата кои на последните парламентарни избори освоија пратенички мандати со самостојни листи, претседателот Пендаровски планира да организира таква средба во првата половина на следниот месец. Во овој период сите напори и државни ресурси треба да бидат насочени кон справување со пандемијата на коронавирусот. На средбата во мај ќе се разговара за натамошниот тек на политичкиот процес во земјата, како и за можните термини за одржување на следните парламентарни избори“,
рекоа од кабинетот на Пендаровски.
Во политички кругови, крајот на јуни (28 јуни) и почетокот на јули (5 јули) се споменуваат како можни термини за вонредните парламентарни избори.
*Поврзани вести:
Кабинет на Пендаровски: Лидерска ќе има во првата половина на мај, ќе се разговара и за изборите
СДСМ: Апсолутно не е време за лидерска за да се разговара за изборите
ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ лажно го толкува барањето за лидерска
ДУИ: Сите следни одлуки да се носат консензулано, без разлика дали на лидерска или преку видео-врска