Во врска со работната група која ќе работи на уставните измени, Ласовска истакна дека партиските претставници сакаат да си направат референца за биографија за уставни судии, додека професорите по уставно право одбиле да бидат дел од неа
Мнозинство од граѓаните не сакаат да се случат уставни измени и ако одите против волјата на граѓаните и ако правите нешто што е противуставно, противзаконско, мора да одговарате, истакна вечерва пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Благица Ласовска.
„Затворена е темата уставни измени за ВМРО-ДПМНЕ. Уставот нема да се менува, ова го кажувам на ваков начин за да се смири јавноста, особено Македонците кои и на средбите молат да не се попушта. Тука ја затвораме темата. Нема потреба повеќе да се дебатира за уставни измени, бидејќи нашиот став нема да се промени“,
рече таа за „Анализа“ на ТВ24.
Во врска со работната група која ќе работи на уставните измени, Ласовска истакна дека партиските претставници сакаат да си направат референца за биографија за уставни судии, додека професорите по уставно право одбиле да бидат дел од неа.
„Најеминентните професори по уставно право се изјаснија дека не сакаат да учествуваат во работната група затоа што нема консензус. Членот 131 од Уставот е многу јасен – одлука за пристапување кон измена на Уставот донесува Собранието со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број на пратеници“,
рече Ласовска.
Таа потенцира дека треба да се зборува за криминалот, за образованието, за руинираното здравство.
Министерството за правда вчера ги објави експертите кои ќе учествуваат во работната група за уставни измени. Во утврдувањето на уставните амандмани ќе учествуваат поранешни уставни судии и професори. Од Министерството за правда информираа дека списокот на работната група ќе се дополнува во наредниот период и со други членови кои ќе дадат свој придонес во подготовката на уставните измени.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска изјави дека очекува кривична одговорност за експертите кои се вклучени во работната група за подготвување на амандманите за уставните измени зашто, како што рече, нивната работа е беспредметна оти ќе земаат хонорари од граѓаните, а практично нема да сработат ништо.
На ова од СДСМ му одговорија дека тој е последниот што може да зборува и да прозива професори или истакнати правници бидејќи „Христијан Мицкоски има дипломирано кај својот татко, му беше асистент на својот татко, а згора на сè, кај него дури и се вработи“.