Од Министерството за правда информираат дека списокот на работната група ќе се дополнува во наредниот период и со други членови кои ќе дадат свој придонес во подготовката на уставните измени
Министерството за правда денеска ги објави експертите кои ќе учествуваат во работната група за уставни измени.
Во работната група ќе има поранешни уставни судии и професори кои ќе учествуваат во утврдувањето на уставните амандмани.
Експерти во работната група ќе бидат:
- Сали Мурати – поранешен претседател на Уставен суд
- Маргарита Цаца Николовска – поранешен судија во Европскиот суд за човекови права во Стразбур
- Бајрам Положани – поранешен уставен судија и професор по уставно право
- Бранко Наумовски – поранешен претседател на Уставен суд
- Јетон Шасивари – професор на Универзитетот на ЈИЕ
- Ана Чупеска – професор на Правен факултет ,,Јустинијан Први”
- Елена Михајлова Стратилати – професор на Правен факултет „Јустинијан Први“
- Беса Арифи – професор на Универзитетот на ЈИЕ
- Јагода Митревска – професор на Меѓународен Славјански Универзитет
- Марија Пандевска – професор на Институт за национална историја
Од Министерството за правда информираат дека списокот на работната група ќе се дополнува во наредниот период и со други членови кои ќе дадат свој придонес во подготовката на уставните измени.
„Ова работно тело е формирано од Министерството за правда кое е задолжено од Владата да ја подготви предлог-иницијативата за потребата од уставни измени. Владата е предлагач на уставните измени. Откако ќе се подготват измените, предлогот ќе ги помине сите работни тела во рамките на Собранието. Паралелно ќе се одржуваат и стручни јавни расправи на кои експерти, партии, граѓански организации и други институции ќе може да ги кажат своите ставови“,
се наведува во соопштението од Министерството за правда.
Претходно од Министерството за правда ги објавија и членовите на работната група предложени од партиите и институциите.
Во работната група има членови само од СДСМ, ДУИ, Алијанса за Албанците, НСДП, ЛДП, ДОМ, Партија на пензионерите, ДПА, Партија за движење на Турците и Демократска партија на Турците.
Во работната група има членови и од кабинетот на претседателот на Република Северна Македонија, Секретаријатот за европски прашања и Министерството за надворешни работи, а тоа се Александар Спасов, Драган Тилев и Шпенд Садики.
Од фракцијата на ДУИ, т.н. „огнена група“, рекоа дека се подготвени и тие посебно да номинираат свој претставник во работната група за уставните измени со кои Бугарите треба да се вметнат како една од заедниците во Преамбулата.
Од оваа група велат дека целосно ги поддржуваат измените, но покрај за Бугарите, бараат и замена на формулацијата „20 отсто“ со „албански јазик“.
Опозицијата, како од македонскиот, така и од албанскиот политички блок, нема да учествува во работата за уставните измени со кои Бугарите ќе бидат внесени во Уставот, услов кој се наметна со прифаќањето на „францускиот предлог“ и стана дел од преговарачката рамка на Северна Македонија со Европската Унија.
Поврзани вести со оваа: