Претходно денеска лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, обвини дека експертите кои се вклучени во работната група за уставните измени се дел од семејните стебла на ДУИ и СДСМ и дека од нив не очекува да сработат ништо
Христијан Мицкоски има дипломирано кај својот татко, му беше асистент на својот татко, а згора на сè, кај него дури и се вработи. Оттука, тој е последниот што може да зборува и да прозива професори или истакнати правници.
Ваква е реакцијата на владејачкиот СДСМ откако претходно денеска лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, обвини дека експертите кои се вклучени во работната група за уставните измени се дел од семејните стебла на ДУИ и СДСМ и дека од нив не очекува да сработат ништо.
„Мицкоски сега ќе кажува за фалц професори? Па заради такви како него фалц професори УКИМ со години не може да се искачи погоре на Шангајската листа“,
се наведува во соопштението на владејачката партија.
Опозицискиот лидер, меѓу другото, кажа и дека очекува кривична одговорност за експертите кои се вклучени во работната група за утврдувањето на уставните амандмани зашто, како што рече, нивната работа е беспредметна оти ќе земаат хонорари од граѓаните, а практично нема да сработат ништо.
„Етикетите, навредите и омаловажувањата за правните експерти и професорите само ја покажува режимската матрица на Груевски во којашто е заглавен Христијан Мицкоски. Дополнително, Мицкоски е претседател на криминална партија ВМРО-ДПМНЕ чиј претходник, осуден криминалец, побегна од правдата во гепек“,
додаваат од Социјалдемократскиот сојуз.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ денеска уште еднаш повтори оти неговата партија нема да ја поддржи иницијативата за отворање на Уставот, додавајќи дека уставните измени нема да се случат во овој парламентарен состав.
Изјавата на Мицкоски следува откако вчера Министерството за правда го објави составот на експертската група која ќе учествува во утврдувањето на уставните амандмани. Дел од групата се поранешни уставни судии и актуелни професори на универзитети во земјава.