Во барањето за извинување од „Квазар“ не негираат дека добиле државни тендери, но нагласуваат дека тоа било на легален начин и поголемиот број од нив датираат од времето кога ВМРО-ДПМНЕ беше на власт
Фирмите КМГ ЕОП „Квазар“ и „Пиксел груп“ бараат од пратеникот Миле Лефков и од партијата ВМРО-ДПМНЕ јавно да се извинат, како што велат, за клеветите во случајот што опозицијата го нарече „Броило“ или во спротивно ќе поднесат тужба.
Тие денеска преку своите адвокати испратиле писмено барање во кое бараат да се повлечат изјавите од партиската говорница од каде што беа и упатени обвинувања.
„Со оглед на тоа дека со ваквите изнесување клевети му е нанесена штета на друштвото и управителот на друштвото, пред поднесување на тужба за наместо на штета, бараме јавно да се извините и јавно да ја повлечете изјавата на исто место каде што ја имате дадено и во ист обем“,
пишува во барањата од двете компании.
Барањата следуваат откако опозициската партија во изминатиот период обвини дека двете фирми во чија сопственост се јавува кумот на премиерот Димитар Ковачевски, Горанчо Паунов, добивале државни тендери. Во „Пиксел груп“ дел од сопственичката структура беше и Ковачевски пред да стане заменик-министер за финансии, а потоа и премиер.
Меѓу обвинувањата што ги наведоа од опозициската партија се дека, на пример, „Квазар“ добила државни тендери вредни над два милиони евра, како и еден договор тежок, исто така, над два милиони евра, но со приватната компанија ЕВН во период кога Ковачевски е на функцијата заменик-министер за финансии.
Во писменото барање од „Квазар“ не негираат дека добивале тендери, но тврдат дека се добиени на легален начин, а најголемиот дел се од времето кога ВМРО-ДПМНЕ беше на власт.
„Како прво, македонско друштво кое нуди решенија за заштеда на електрична енергија, факт е дека има добиено повеќе тендери со договори за јавно-приватно партнерство и проекти во кои се имплементираат мерки за заштеда на електрична енергија и обновливи извори на електрична енергија, но тие се добиени на сосема легален начин и со учество на конкурентскиот пазар, без помош на ниту една политичка партија во државата. Така на пример, поголемиот број од овие тендери со договори за јавно-приватно партнерство итн., се добиени за време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ и сè уште се извршуваат“,
пишува во дописот до Лефков и ВМРО-ДПМНЕ.
Ова друштво, додава понатаму правниот тим на „Квазар“, не направило никаков вид злосторничко здружување за да се стекне со каква било имотна корист и не предизвикало оштетување на државниот имот и Буџетот.
Во сличното барање за извинување, но од името на „Пиксел груп“, пак, се споменува и премиерот Димитар Ковачевски, за кого се наведува дека излегол од сопственичката структура пред да биде именуван на каква било државна функција.
„Ова друштво е оформено по долгогодишно испитување на пазарот и за производство на апарати за дистрибуција и контрола на електрична енергија, како и да се олесни постапката за набавка на соларни системи и делови за истите на клиентите. Со оглед дека се работи за огромна инвестиција, потребен е поголем капитал и поради истото друштвото има земено огромни кредити, но и аплицирано за финансиска помош за пораст на капитални инвестиции, кои парично средства се вложени исклучиво за работа на друштвото и е сторено на легален и транспарентен начин. Ова друштво нема аплицирано на никаков тендер“,
наведуваат од „Пиксел груп“.
Објавувањето на, како што ја нарекува ВМРО-ДПМНЕ, аферата „Броило“, опозицијата ја најави на собраниска седница за пратенички прашања на 29 септември, по што следуваа низа прес-конференции на оваа тема. Тогаш пратеникот Лефков го праша премиерот кои фирми профитираат од енергетската криза и дали фирми блиски до него и во неговото опкружување земаат државни тендери поврзани со секторот енергетика.
Премиерот не негираше дека бил дел од сопственичката структура на фирмата „Пиксел груп“ која ја основал заедно со кумот Панов, но порача дека излегол од неа пред да стане заменик-министер.
„Сите активности што сум ги има во животот, можете да отидете на мојот ’Линкдин‘ профил и точно ќе видите каде сум работел, од која до која година сум работел, која фирма сум ја основал, каква улога сум имал и кога сум излегол од таа фирма. Точно е дека јас со финансиски средства и знаење имам учествувано во компанија која е во делот од висока технологија за обновливи извори на енергија. Пред да станам заменик-министер за финансии, ги повлеков комплетно ликвидните средства при основањето на компанијата и го отстапив уделот во таа компанија, што може да се провери во Централниот регистар. Од тој ден, јас немам ниту интереси, ниту никакви обврски ниту каква било врска со таа компанија со оглед дека си има нова сопственичка структура. Што таа компанија работи, дали остварува добивка, колкава добивка, тоа ќе мора да ја прашате компанијата со оглед дека јас немам веќе никакви удели во неа“,
одговори Ковачевски.