Од Министерството за енергетика велат дека во нивните простории ќе биде формиран Центар за промоција на геонаследството, кој ќе прерасне во постојан изложбен и едукативен простор за презентација на минерали, кристали, фосили и други геолошки експонати

Министерството за енергетика најавува поширока презентација на македонскиот рубин пред домашната и меѓународната јавност. За таа цел, министерката Сања Божиновска денеска потпишала Меморандум за соработка со претседателот на Здружението за промоција на природните науки „Откритие“ – Илија Петковски.
Со Меморандумот, велат од ресорното министерство, се воспоставува долгорочна соработка која предвидува организирање изложби, научно популарни настани, јавни предавања, работилници, едукативни програми и тематски поставки, како и воспоставување партнерства и соработка со домашни и странски музеи, универзитети и научни институции за промоција на македонското геонаследство.
„Македонија поседува исклучително богато геолошко наследство кое со децении било недоволно промовирано. Богатство кое заслужува многу поголема видливост. Нашата цел е да стане достапно за јавноста, да ја развиваме научната свест, да ја доближиме геологијата до граѓаните, да го поттикнеме интересот кај младите за природните науки, да го развиваме геотуризмот и да покажеме дека природните богатства се дел од нашиот национален идентитет и развоен потенцијал. Македонскиот рубин е еден од тие највредни симболи и заслужува да биде достојно претставен пред светот“,
вели Божиновска.

Од Министерството за енергетика велат дека во нивните простории ќе биде формиран Центар за промоција на геонаследството, кој ќе прерасне во постојан изложбен и едукативен простор за презентација на минерали, кристали, фосили и други геолошки експонати.
„Центарот ќе биде место каде институциите, науката и стручната фела ќе работат заедно на заштита, валоризација и меѓународна промоција на македонското геолошко наследство, развој на геотуризмот и поголема свест за природните богатства што ги поседува Македонија“,
велат оттаму.
Инаку, од неодамна, македонскиот рубин е заштитен како национален полускапоцен камен.
