Министерот за правда и директорот на Агенцијата за примена на јазикот договорија продлабочување на институционалната соработка со цел доследно почитување на јазичните права и обезбедување еднаков пристап до институциите
Министерот за правда Јетон Шасивари и директорот на Агенцијата за примена на јазикот Гранит Османи на работна средба се заложија за унапредување на институционалната соработка и доследна примена на Законот за употреба на јазиците, се вели во соопштението од Министерството за правда.

Оттаму велат дека целосното спроведување на овој Закон не претставува само обична законска обврска, туку е суштински елемент за владеењето на правото, правната сигурност и обезбедувањето еднаков пристап на сите граѓани до државните институции.
Министерот Шасивари ја потврдил цврстата определба на Министерството за правда за јакнење на сите институционални механизми кои гарантираат почитување на законските одредби и заштита на јазичните права на граѓаните, додека пак директорот Османи истакнал дека Агенцијата континуирано им обезбедува стручна и практична поддршка на државните институции преку конкретни насоки, препораки и експертска помош.
Тој нагласил дека фокусот на Агенцијата е унапредување на службената употреба на албанскиот јазик, како законски загарантирано право на заедницата која сочинува најмалку 20 проценти од населението.
Меѓу другото, заклучокот од средбата била оти преку планираните заеднички активности, двете институции ќе работат на обезбедување поефикасна и подоследна примена на Законот за употреба на јазиците низ сите државни органи.
