Премиерот на Косово во интервју вели дека ризик од нов конфликт со Србија постои и дека блокади на патишта на северот од земјата се организирани од Белград со поддршка на Русија
Директорот на српската Канцеларијата за Косово и Метохија, по интервјуто на косовскиот премиер, оцени дека Курти и со својата последна изјава покажува дека отворено сака војна, а не дијалог и договор
Косовскиот премиер Албин Курти во интервју за италијанскиот весник „Република“ изјави дека има висок ризик од нов конфликт со Србија. Тој, како што рече, со оглед на тоа што Русија го направи со Украина, би било неодговорно да се каже поинаку.
„Не би рекол дека ризикот е многу голем, бидејќи и ние овде имаме контингент на НАТО, но секако е висок. Ние сме демократија која има автократија на границите“,
рече Курти.
Тој додаде дека пред инвазијата на Украина можностите биле мали, но сега ситуацијата е променета.
„Ако имаме уште една епизода, на пример во Придњестровје, тогаш веројатноста дека ќе се случи трета војна на Западен Балкан, а особено на Косово, ќе биде многу голема“,
додаде тој.
Во врска со нападот на косовската полиција на северот на земјата, Курти рече дека обвинителството го истражува случајот.
„Блокади на патишта на северот се организирани од Белград со поддршка на Русија“
Курти во интервјуто за „Република“ зборуваше и за новите реципрочни мерки кон Србија и го повтори рокот од два месеца.
„Замената на регистарските таблички, кои беа воведени од Слободан Милошевиќ, е одлука на мојата влада. Имаат рок од два месеца, а истото важи и за документите. Во неделата, за неколку часа откако одлуката стапи во сила, на отворените гранични премини без инциденти се издадени 2 679 документи. Затоа мораа да повикаат некого на барикадите, протестот не настана спонтано од народот на Косово, беше организиран од Белград и поддржан од Русија“,
ја пренесува „Коссев“ изјавата на Курти за „Република“.
Тој тврди дека луѓето кои биле на барикадите работат во нелегални објекти на северот на Косово и се платени од Белград.
„Обвинителите прегледуваа видеа објавени на социјалните мрежи. Станува збор за лица на платен список на Белград, кои работат во диви објекти на северот на Косово. Некои од нив беа навистина криминалци, кои минатата година беа на црната листа на американското Министерство за финансии. Мислам на (Милан) Радоичиќ и (Звонко) Веселиновиќ. Тоа беше дежа ви, тој метод го користеа Србите на почетокот на 90-тите за време на распадот на Југославија. Но, Косово сега е демократска земја, тие можат многу малку да направат. Тие се фрустрирани затоа што нашата економија, иако не нè признаваат како држава, напредува“,
рече Курти.
На прашањето дали влегувањето на Косово во НАТО ќе создаде тензии со Србија, тој рече дека такво нешто само ќе помогне за мирот во регионот.
Реакција од Белград по изјавите на Курти
Директорот на српската Канцеларија за Косово и Метохија, Петар Петковиќ, по интервјуто на косовскиот премиер, оцени дека Албин Курти и со својата последна изјава покажува дека отворено сака војна, а не дијалог и договор, пренесе РТС.
Петковиќ изјави дека доколку Курти јавно каже дека Заедницата на српските општини никогаш нема да се формира и дека Србите мора да прифатат еднострани и насилни одлуки за регистарските таблички и за личните карти, на сите им е јасно дека тој повикува на конфликти на Косово.
„Затоа во секоја изјава Курти го измислува наводното влијание на Русија бидејќи сака не само да го нападне Белград, туку и да ги оправда идните нови еднострани и насилни дејствија против српскиот народ на Косово и Метохија“,
рече Петковиќ.
Тој вели дека Белград ќе продолжи да ги одржува мирот и стабилноста на подрачјето на Косово и на Западен Балкан воопшто, со одговорна и мудра политика и ќе бара решенија за сите кризи во рамки на дијалог и разговор.
„Обидите на Приштина да наметне агенда на разговорите во Брисел со некакви празни соништа за ‘заемно признавање’ не се ништо повеќе од тактика да се уништи дијалогот уште пред да започне. Знам дека Курти во Брисел од претседателот Александар Вучиќ ќе добие одговор за неговите милитанти и изјави кои повикуваат на војна“,
забележува Петковиќ.
Она што Курти добро го знае, посочува Петковиќ, но не смее јавно да го каже, е дека Србите на Косово и Метохија го сметаат за директно одговорен за сите малтретирања, инциденти, обесправени, лишување од слобода на движење и други демократски права. Затоа, додава тој, нивниот отпор и револт се последица на едностраните, насилни и незаконски постапки на Курти, а не некаква оркестрирана странска агенда.