Еди Рама, освен што ја нарече ситуацијата во северот на Косово неразумна ескалација, го повика српскиот претседател Александар Вучиќ да не храни со какво било алиби или оправдување одредени групи на северот на Косово кои од свои причини се противат на, како што рече, спроведување на договор кој е валиден
Рама нагласил и дека владата на Косово донела правилна одлука со спроведување на реципроцитет, а потоа со одлагање за 30 дена и дека во такви ситуации Косово има два пата – едниот е војна, а другиот е да седне на маса на „Отворен Балкан“
Во однос на вчерашните случувања и тензии на северот на Косово, албанскиот премиер Еди Рама изјави дека 100 отсто ја поддржува косовската влада во спроведувањето на договорот кој предвидува менување на српските регистарски таблички и лични документи, а поради кој вчера и денеска на северниот дел од Косово се случуваа блокади на патиштата.
„Вчерашниот настан е одраз на длабоката тешкотија што постои во овој однос и практикувањето на суверенитетот на целата територија на државата Косово, врз основа на договорот меѓу Косово и Србија во Брисел. Во овој момент 100 насто ја поддржувам Владата на Косово и властите на Косово да го спроведат договорот“,
изјави Рама.
Меѓу другото, како што јави „Косово онлајн“, Рама нагласил дека владата на Косово донела правилна одлука со спроведување на реципроцитет, а потоа со одлагањето за 30 дена и дека во такви ситуации Косово има два пата – едниот е војна, а другиот е да седне на масата на „Отворен Балкан“.
„Овие ситуации не покажуваат дека ‘Отворен Балкан’ е непотребен или погрешен. Тие не покажуваат дека нашиот пристап кон Србија и политиката за приближување е непотребен, овие ситуации покажуваат зошто е потребен ‘Отворен Балкан’. Ова е причината зошто Косово треба да дојде и да седне на масата ‘Отворен Балкан’. Кога работите тргнуваат наопаку, постојат два начина. Еден е војната, од која никој не добива, другиот начин е да се изгради мир. Ние сме луѓе и имаме обврска да им оставиме мир на нашите деца”,
изјави Рама.
Тој додал дека неговиот пријателски однос со претседателот на Србија, Александар Вучиќ, не го спречува да се раздели онаму каде што не се согласува.
Во таа насока, за време на прес-конференцијата која премиерот Рама денеска ја имаше со премиерот на Кралството Шпанија, Педро Санчез, кој денеска престојува во Тирана, албанскиот премиер ја нарече ситуацијата во Косово како неразумна ескалација и го повика српскиот претседател Вучиќ „да не храни одредени групи на северот на Косово со какво било алиби или оправдување“.
„Ги повикувам властите во Белград и претседателот на Србија да не даваат никакво алиби или оправдување на одредени групи на северот на Косово кои, од свои причини, се противат на спроведување на договор кој е валиден, и за давање поголем кредибилитет на дијалогот Косово-Србија“,
вели Рама.
Вчера претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изјави дека Косово се повикува на член 3 од Договорот за слобода на движење, кој Приштина и Белград го постигнаа како дел од дијалогот со посредство на Европската Унија. Сепак, според него, тој не може да се однесува на Србите кои живеат на северот на Косово.