Американскиот амбасадор во Приштина, Џефри Ховениер, јавно објави дека побарал од косовската Влада да се одложи казнувањето на сопствениците на возила со српски регистарски таблички од градовите во Косово кои не ги пререгистрирале возилата на РКС уште 48 часа

Косовскиот премиер Албин Курти го прифати предлогот на САД за 48-часовно одложување на спроведувањето на одлуката на косовската Влада за изрекување казни за сопствениците на возила со регистарските таблички КМ.
Американскиот амбасадор во Приштина, Џефри Ховениер, јавно објави дека побарал од косовската Влада да се одложи казнувањето на сопствениците на возила со српски регистарски таблички од градовите во Косово кои не ги пререгистрирале возилата на РКС уште 48 часа, така што на Европската унија и САД им се овозможи дополнително да се ангажираат со страните за изнаоѓање решение, пренесува КоССев.
Ховениер, исто така, рече дека САД се загрижени што лидерите на Косово и Србија не успеале да постигнат договор за актуелната криза во Косово.
И премиерот на Косово Албин Курти објави дека го прифатил предлогот на амбасадорот.
„Му благодарам на амбасадорот Ховениер за неговата посветеност. Го прифаќам неговото барање за 48-часовно одложување на изрекувањето на казните за нелегалните таблички „КМ“,
рече Курти.
Тој исто така рече дека е среќен што ќе работи со САД и ЕУ за изнаоѓање решение во следните два дена.
По вчерашните разговори во Брисел се огласија сите засегнати страни.
Вучиќ од Белград рече дека Србија во обид да го зачува мирот се согласила да не издава таблички за градовите Косово и Метохија до понатамошно известување и дека наместо таблички КМ тие треба да бидат т.н. неутрални регистерски таблички КС, кои косовските власти престанаа да ги издаваат минатата година. Во исто време, тој го обвини Курти дека не сака договор. Високиот европски претставник Жозеп Борел, исто така, го впери прстот кон косовската страна како одговорна за неуспехот на разговорите.
Во Приштина, највисоките функционери ја поздравија прозивката на Борел со остри зборови. Синоќа на јавноста и се обрати косовската претседателка Вјоса Османи, која остро го обвини Борел за пристрасност, а Србија за агресор, со паралела со Путин. Косовскиот министер за внатрешни работи го обвини Белград и поранешните вработени за дезинформирање на јавноста.
Се огласија и меѓународните претставници кои тврдеа дека се разочарани од резултатот од вчерашната средба, но и предупредија дека мора да се избегне ескалација на состојбите. Истата порака командантот на КФОР му ја пренел и на косовскиот министер за внатрешни работи, со кој се сретнал синоќа.