Командант на КФОР ги повика двете страни да се однесуваат одговорно и активно да учествуваат во одржувањето на безбедноста и додаде дека е важно да се избегне каква било нова ескалација
Командантот на КФОР, генерал-мајор Анџело Микеле Ристуча ги повика сите страни да избегнуваат каква било акција што може да доведе до влошување на ситуацијата на Косово.
Ристучија, по средбата со министерот за внатрешни работи на Косово, Џелал Свечља, како што е соопштено, ги повика двете страни да се однесуваат одговорно и активно да учествуваат во одржувањето на безбедноста и додаде дека е важно да се избегне каква било нова ескалација, по тензиите во август.
На 31 јули локалните Срби поставија блокади на северот на Косово во знак на протест поради најавата за почеток на спроведувањето на одлуката на Владата во Приштина за слобода на движење, односно за издавање документи за влез-излез за српски граѓаните кои влегуваат во Косово и на промената на српските регистарски таблички.
„Генерал-мајор Ристуча останува во близок контакт со сите клучни соговорници, вклучувајќи го и командантот на Мисијата на ЕУ за владеење на правото (ЕУЛЕКС), претставниците на косовските институции и косовските безбедносни организации, како и началникот на вооружените сили на Србија“,
се вели во соопштението.
Во соопштението се наведува дека КФОР е на готовност во врска со ситуацијата.
„КФОР останува буден и продолжува да го спроведува својот мандат на ОН, со сите расположливи капацитети, за безбедна средина и слобода на движење за сите граѓани на Косово, согласно Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на Обединетите нации од 1999 година“,
се додава во соопштението.
Целта на КФОР, како што е најавено, е мир и безбедност на Косово.
„КФОР игра витална улога во обезбедувањето безбедност што овозможува дијалог. Командантот на КФОР ги повикува страните да се воздржат од еднострани акции или реторика и да спречат каква било понатамошна ескалација на тензиите“,
се вели во соопштението.
Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг на средбата во Брисел го изрази своето разочарување што Србија и Косово не постигнаа договор за регистарските таблички. Шефот на алијансата потврди дека разговарал со шефот на европската дипломатија Жозеп Борел по средбата на највисоко политичко ниво меѓу ЕУ, српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти.
„Сега е време за одговорност и прагматични решенија. Ескалацијата мора да се избегне. НАТО и КФОР остануваат будни“,
објави Столтенберг на својот Твитер профил.
Од косовската полиција,пак, потврдија дека од денеска ќе почнат да изрекуваат казни за возачите кои управуваат возила со српски регистарски таблички.