Во периодот кога стигнало барањето за притвор, до моментот кога било донесено решението за куќен притвор телефоните на сите во судот биле извадени на видно место, тврдат од судот
Основниот кривичен суд во Скопје, денеска излезе со соопштение во кое наведува дека направиле интерни проверки, по што тврдат дека е невозможно оттаму да протекла информацијата дека е поднесен предлог за притвор на обвинетиот Сашо Мијалков во случајот „Таргет-Тврдина“.
Во соопштението се посочуваат и информациите кои во изјава денеска ги изнесе претседателот на судот, Иван Џолев, дека судот можел да одлучи за 24 часа, но сепак донел решение за три и пол часа, а дополнително потенцираат и оти е невозможно и во тој краток период некој телефонски да ја пренел информацијата.
„Колку за потсетување од поднесување на предлогот до изготвување на решението поминале севкупно три и половина часа, од 15 до 18:30 часот. Одлуката е донесена во недела (неработен ден) иако советот можел да одлучува и во понеделник до 15 часот, имајќи предвид да рокот за одлучување е 24 часа. Судот тврди дека е невозможно од судот да протекла информација дека е поднесен предлог за притвор против обвинетиот С.М. бидејќи во критичниот период од 15 до 18:30 часот, сите што имале увид во предлогот имале заемна визуелна контрола едни на други, со телефоните оставени на видливо место“,
велат од судот.
Сашо Мијалков беше недостапен речиси два дена. Откако Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција во неделата побара притвор, а судот одреди куќен притвор, решението било испратено во 18:30, а првите информации дека не може да му се достави истото до обвинителството стигнале од МВР во 21:20 часот. Според информациите од обвинителството, во 21:47 часот на обвинителите им било потврдено дека обвинетиот не е пронајден.
Пред исчезнувањето, последен пат, Мијалков бил виден околу 14:40 во неделата.
„Околу 14 часот и 40 минути, од правец МЕПСО кон хотел „Мериот“ е забележан Мијалков со женско и три машки лица, по што влегуваат во подземните гаражи. Околу 15 часот е забележан излез на три возила, но не можело да се утврди дали и Мијалков е во возилата што се упатуваат по улицата „Славејко Арсов“, која се наоѓа под улицата „Тодор Александров“,
рече министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски кога ја презентираше хронологијата на настаните.
Откако Мијалков стана недостапен, за него се распиша и меѓународна потерница. Наредниот ден, во понеделникот немаше никаква трага од него, а во вторникот попладне сам се појави во Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција со оправдување дека имал температура од 40 степени, се изолирал и не знаел дека го бараат.
Во вторникот околу три часа тој остана во обвинителството од каде беше однесен во домашен притвор, а Обвинителството претходно ја повлече жалбата до Апелација со која барање куќниот притвор да се замени со затворски.
За појавувањето на Мијалков, власта се пофали дека успеала да го притисне за тој да се пријави.
„Во изминатите 40 часа институциите на Владата предводени од мене, во координација со правосудните органи, спроведовме акција со детални постапки. Беа преземени сите редовни и вонредни мерки. Со акцијата координирав јас и можам да објавам дека Сашо Мијалков немаше друг избор и го стори она што му беше неизбежна опција. Се пријави во Обвинителството за организиран криминал и со тоа е обезбеден неговиот притвор“, рече Заев.
Пресудата за „Таргет-Тврдина“ ќе биде соопштена утре во 10 часот. Мијалков во случајот е обвинет за злосторничко здружување, злоупотреба на службената положба и за примање награда за противзаконито влијание, од кои последното му застарува за неколку дена.