На прашањето од „360 степени“, дали со наредбата се опфатени и податоци за лица од Јавното обвинителство или од Кривичниот суд, од скопското обвинителство велат дека засега барањата се генерички и не се толку персонализирани
Основното јавно обвинителство-Скопје (ОЈО Скопје), во обид да открие како Сашо Мијалков успеал да побегне и кои биле лицата што му помогнале во таа операција, издало повеќе наредби за обезбедување докази од Министерството за внатрешни работи. Од ОЈО Скопје за „360 степени“ велат дека се работи за наредби и барања со кои полицијата треба да им достави видеозаписи од безбедносните камери од повеќе локации, но и листинзи од повеќе телефонски броеви и други податоци од важност за предистражната постапка.
На прашањето од „360 степени“, дали со наредбата се опфатени и податоци за лица од Јавното обвинителство или од Кривичниот суд, од скопското обвинителство велат дека засега барањата се генерички и не се толку персонализирани.
„Ќе почекаме од МВР да видиме дали ќе бидат обезбедени докази за одредено кривично дело и евентуален сторител или сторители. Врз основа на тоа ќе ги носиме следните одлуки во предметот“,
велат ОЈО Скопје.
Инаку, пред два дена, во понеделникот, Основното јавно обвинителство-Скопје отвори предистражна постапка врз основа на сомнение за сторено кривично дело помагање на сторител по извршено кривично дело од член 365 од Кривичниот законик.