Министерот го повтори она што го кажа и на вчерашната прес-конференција, дека институционалниот пропуст е во тоа што се доцнело со подготвувањето на решенијата за притвор
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски вели дека јавноста не треба да се сомнева во евентуален скриен договор со поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, бидејќи такво нешто не е возможно.
Во гостување на „Утрински брифинг“, тој рече дека се борат против криминалните структури, а договор со нив не може да има.
„Прво, ако Заев или кој било друг од СДСМ сакал да се пазари за што било со Мијалков, Груевски, со таа криминална структура во државата…ние тоа ќе го правевме во моментите кога започнавме една сериозна битка со нив, во однос на објавувањето на прислушуваните разговори. Но, ние во ниту еден момент не сакавме да преговараме, бидејќи сметавме дека се направени сериозен криминал и злодело за кои треба да се одговара. Ние можевме да преговараме и да видиме што ќе се случува и за 27 април, но ние не влеговме во никакви преговори. Одлучивме дека мора да се испочитува волјата на мнозинството во Собранието, дури и по цена на сопствените животи“,
рече Спасовски.
Во однос на „исчезнувањето“ и ненадејното појавување на Мијалков вчера пред јавноста, и сето она што се случуваше околу неговото бегство во изминативе неколку дена, Спасовски го повтори она што го кажа и на вчерашната прес-конференција – дека институционалниот пропуст е во тоа што се доцнело со подготвувањето на решенијата за притвор.
„Многу часови се изгубени во подготвувањето на решенијата за притвор и клучот на проблемот е токму тука… Оној што е изведен пред лицето на правдата има само една мисла во главата, а тоа е како да избега и ништо друго… Се изврши притисок, се разговараше за постапки на блокада на имот, приведување на лицата што биле во неговото опкружување. Тоа е притисокот што го прави системот во одреден момент. Кога зборувам за неговата нефункционалност и консолидација, треба да видиме кои се сегашните законските норми. Тие го предвидуваат патот по кој одиме сега“,
рече Спасовски.