Министерството за здравство информира дека во склоп на Клиничкиот блок „Мајка Тереза“ и во ГОБ „8 Септември“ се зголемени капацитетите за хоспиталзација на пациенти со ковид
За околу 125 кревети се проширени болничките капацитети во Скопје за прием на болни од ковид-19.
Министерството за здравство информира дека во склоп на Клиничкиот блок „Мајка Тереза“ и во ГОБ „8 Септември“ се зголемени капацитетите за хоспиталзација на пациенти со ковид.
Пуштен е во употреба дел од Клиниката за трауматологија, со 25 болнички кревети. На Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија и на Клиниката за торакална хирургија обезбедени се 50 болнички кревети.
Клиниката за торакална хирургија, како што велат од МЗ, продолжува со нормална работа за итни случаи, а хируршките интервенции во моментов се редуцирани и се изведуваат само итни операции и операции на малигни состојби.
Делот од патологија на Клиниката за пластична хирургија се префрла во болницата „Св. Наум Охридски“ во Скопје. Дополнителен капацитет за прием на пациенти со ковид се подготвува и на Клиниката за кардиологија, каде што за болните со ковид ќе бидат обезбедени 50 кревети. Со оваа реорганизација капацитетот во Клиничкиот центар се зголемува за 100 кревети, велат од Министерството.
Во ГОБ „8 Септември“ ќе се отвори одделение со дополнителни 25 болнички кревети за ковид-пациенти. Во болницата ќе се намали хируршката програма и ќе се вршат само итни операции и операции на малигни болести кои се неодложни.
Во ковид-одделите во внатрешноста има доволен број на болнички кревети и капацитетите во болниците не се оптоварени, велат од МЗ.