САД најавија дека до јули 2021 очекуваат да вакцинираат голем дел од населението, додека Кина ја најави вакцината за ноември. Русија веќе почна производство за цивилна употреба, но досега ниту една од потенцијалните вакцини не ги поминала сите фази на тестирање
Повеќе од 32 милиони лица во светот се заразени со коронавирус, додека бројот на починати се доближува до еден милион, покажуваат најновите податоци на интернет-страницата „Ворлдометерс“.
САД и натаму се најтешко погодената земја од пандемијата со ковид-19, со заразени повеќе од седум милиони лица, од кои 200 000 веќе починаа.
На второ место е Индија со речиси шест милиони заразени и повеќе од 91 000 смртни случаи. Бразил се наоѓа на третото место според бројот на заразени со 4,6 милиони и над 138 000 починати.
Русија е на четвртото место во светот и на прво во Европа, со 1,1 милион инфицирани и речиси 20 000 смртни случаи.
СЗО соопшти дека 156 земји се приклучиле на таканаречениот КОВАКС (Глобален план за вакцинација), со кој се планира до крајот на следната година на глобално ниво да се испорачаат околу две милијарди дози вакцини, но дека меѓу нив не се големите држави како Кина, Русија и САД.
САД најавуваат вакцинирање на населението до јули 2021
Директорот на американскиот Центар за контрола и превенција на болести Роберт Редфилд изјави дека повеќето Американци можат да бидат вакцинирани против коронавирус најдоцна до јули 2021 година.
Обраќајќи се пред Комитетот за здравство, образование, труд и пензии на Сенатот на САД, Редфилд рече дека очекува на крајот од март или април да бидат достапни околу 700 милиони дози од вакцината, што според него е доволно за да се вакцинираат 350 милиони луѓе.
Русија на почетокот на септември објави дека е произведена првата серија од вакцината „Спутник V“ за цивилна употреба, а наскоро ќе следува и дистрибуцијата низ сите региони во земјата, и покрај реакциите на експертите во светот дека таа не ги минала сите фази на тестирање за да се осигури нејзината безбедност.
Кина, пак, неодамна соопшти дека во ноември ја очекува првата вакцина и дека во тек се завршни фази на тестирање на четири потенцијали.
Сѐ уште нема вакцина против коронавирусот, но неколку можни се во завршна фаза на тестирање.