Според денеска објавените податоци од Министерството за здравство, во Чаир во моментов има 271 активно болни од ковид-19, со што општината и понатаму е на врвот по бројот на заразазени од коронавирусот во главниот град. Но, споредено со крајот на јуни, во Чаир сега има 35% помалку болни.
Како што покажува графиконот подолу, на 30 јуни здравствените власти информирале дека само во Чаир има 435 активно болни од ковид-19. Денеска податоците покажуваат дека има 271 болни. Ако се анализираат податоците за периодот помеѓу, јасно е дека трендот во оваа општина е опаѓачки.

За разлика од Чаир, во други скопски општини во кои немаше толкав број на активно болни на крајот на минатиот месец, продолжува нагорниот тренд. Така, Аеродром полека му се „приближува“ на Чаир.
Во таа општина на 30 јуни имало 160 активно болни и до средината на јули тој број се намалил на 147. Но, во последниве две неполни недели бројот се искачи на 212 болни.

Дури и поизразен е трендот во Кисела Вода. Таму на крајот на јуни имаше 118 активно болни и до средината на јули во општината тој број падна на 100 случаи. Но, во последниве неполни две недели бројот на болни скокна за приближно 80% и сега има 179 активно болни од коронавирусот.

И Шуто Оризари „експлодира“?
Меѓу општините во кои болеста зема замав или, пак, надлежните сега ги откриваат болните, најмногу загрижува Шуто Оризари. Последните податоци покажуваат дека за неполни две недели бројот на болни во општината скокнал за близу 60%. Прашање е дали и тоа е вистинската слика, со оглед на фактот дека дел од жителите на општината немаат документи, а со тоа и здравствено осигурување.
Како што покажува графиконот подолу, на 14 јули имало 80 активно болни во најсиромашната општина во главниот град. Веќе денеска во Шуто Оризари има 126 болни.
